Регион
Истанбул: Покрај напаѓачот врз клубот уапсени уште четири лица
Турската полиција во вторникот објави дека по две седмици потрага ги уапси мажот кој е одговорен за масакрот на 39 луѓе во истанбулскиот ноќен клуб „Reina“ на новогодишната ноќ, а покрај него на периферијата на Истанбул се уапсени уште четири лица осомничени за поврзаност со нападот.
Гувернерот на Истанбул Васип Сахин ги потврди медиумските извештаи од понеделникот ноќта дека е уапсен Абдулгадир Машарипов роден 1983 година во Узбекистан, со борбено име Абу Мохамед Хорасан, обучуван во Авганистан.
Ја признал својата вина, а неговите отпечатоци од прстите им одговараат на оние кои се најдени на местото на злосторството. „Зборува четири јазика и добро е образован“, изјави Сахин на прес-конференцијата.
Постојат силни знаци дека во Турција влегол илегално, преку нејзината источна граница, во јануари 2016 година, и јасно е дека нападот е изведен во името на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, пишуваат медиумите.
Приватната новинска агенција Dogan (DHA), објави фотографија на осомничениот напаѓач со модринка на окото, исеченица над окото и крваво лице и маичка.
Машарипов е уапсен наводно во луксузен стан заедно со неговиот син. Уапсени со уште еден Киргиз и три жени од Африка, од Сомалија, Египет и Сенегал. Сите се уапсени во квартот Есенјурт, на западната периферија од Истанбул.
Уапсениот бил однесен на здравствени проверки. По апсењето на групата, полицијата шест часа вршела пребарувања на куќата.
Апсењето на Машарипов дојде откако пред десет дена турските власти објавија дека им е познат идентитетот на терористот. Во неделата полицијата лоцирала во истрагата куќа во округот Силиври, но на таа адреса нашла само 150.000 американски долари. Според полицијата тие требало да му бидат исплатени на Узбекот, но тој не успеал да ги земе поради интензивната полициска потрага по него.
Според досегашните сознанија, откако со такси пристигнал пред ноќниот клуб напаѓачот од багажниот простор ја извадил автоматската пушка и за кусо време неселективно но професионално стрелал врз гостите во клубот. Потоа во мешаницата успеал да се провре низ полицискиот кордон и дошил до куќа во квартот Зејтинбурну од каде го земал својот син и побегнал.
„Ѝ честитам на нашата полиција која го уапси извршителот на масакрот во Ортакеј. Нашата војна против теророт и силите коишто стојат зад него,ќе продолжи сé до крајот “, изјави на својот Twitter профил вицепремиерот и портпарол на турската влада, Нуман Куртумлуш.
Поради овој напад, за кој одговорноста ја презема Исламската држава како одмазда за операциите на Турција против неа во Сирија и во Ирак претходно беа уапсени десетици лица./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.