Регион
„Ние не сме во брак со Скопје, Албанија може да почне преговори за членство во ЕУ и без Македонија“, вели Ковачев
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во интервју за бугарски „Актуално“ вели дека Албанија нема пречки да ги почне преговорите за членство по завршувањето на скринингот на Европската комисија.
„Албанија не помина низ таков процес како во поранешна Југославија и со неа имаме исклучително добри односи на сите нивоа. Албанија нема пречки да ги почне преговорите за членство по завршувањето на скринингот на Европската комисија“, вели Ковачев.
На прашањето дали треба да направат дистинкција и на Европа да ѝ кажат Албанија да се одвои од пакетот како кандидат од Северна Македонија, тој вели дека Албанија може да почне преговори за членство во ЕУ и без Северна Македонија.
„Тоа е сосема јасно. Самиот Еди Рама неколкупати ми рече „Ние не сме во брак со Скопје“. Ако не може да ги исполнат европските услови за почеток на преговорите, зошто Албанија мора да биде жртва и да чека нешто за што не е нивна вина, ниту е до нив? Албанија треба веднаш, по завршувањето на овој процес на ревизија на законодавството, најдоцна до крајот на годината, да ги почне вистинските преговори за членство во ЕУ. Ако дотогаш Северна Македонија нема храброст да го промени својот Устав, нема логика Албанија да чека нешто што не зависи од самата држава“, рекол бугарскиот европратеник во интервју за бугарски „Актуално“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

