Регион
Кока-кола Хрватска објави ново соопштение: Последната анализа го отстрани секој сомнеж, нашите производи се исправни
Кока-кола Хрватска објави ново соопштение. Како што наведуваат, отстрането е и последното сомневање дека дел од производите на Кока Кола биле здравствено неисправни.
„Сега е потврдена здравствената исправност на целата серија“
„Последната анализа на Државниот инспекторат на Република Хрватска од 16 ноември 2023 година го отстранува секој сомнеж за квалитетот и исправноста на нашите производи“.
Серија Romerquelle Emotion со вкус на калинка од боровинки, 330 мл, рок на траење 12.2023 година Л17, поврзан со случајот во Риека, е повлечен од пазарот на 8 ноември 2023 година по барање на Државниот инспекторат на Република Хрватска. По направените анализи, сега е потврдена здравствената исправност на оваа серија.
Драго ни е што овој наод на Државниот инспекторат на Република Хрватска ги отстранува сите сомнежи за квалитетот и исправноста на нашите производи. Продолжуваме да соработуваме со сите надлежни органи со целосна транспарентност во текот на истрагата за изолиран случај во Риека.
Искрено сме им благодарни на нашите потрошувачи и клиенти за нивната континуирана лојалност и доверба во нашиот бизнис и брендови и уште еднаш нагласуваме дека нашите производи се произведени според највисоките стандарди за квалитет и здравје, на кои сме целосно посветени за повеќе од 55 години на хрватскиот пазар“, објави Кока-кола Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На Порфириj забранет влез во Косово, Патријархот: Таа врата ќе ја отвори самиот Бог
Власта во Приштина им забрани на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфирије и на седумте владици кои го придружуваат да влезат во Косово, каде за утре е закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќската патријаршија.
Патријархот требаше да пристигне во Косово во текот на попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре од Приштина, стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово на Владата на Србија.
Пеќската патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.
Директорот на Канцеларијата Петар Петковиќ рече дека, во согласност со сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „наспроти сите договори, косовскиот премиер Албин Курти му ја ускратил можноста на патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поткрепа и потпора за својот народ и верниците“.
Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и порача „дека самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.
„Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе“, рече Порфириј.
Регион
Милановиќ му одговори на Додик: Хрватите од Втората светска војна излегоа на вистинската страна
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи во врска со тврдењата на Милорад Додик дека хрватскиот народ е колективно виновен за усташките злосторства. „Има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризираа со злосторствата на усташкиот режим“, изјави вчера Додик од Доња Градина, каде што се одржа комеморацијата за жртвите во концентрациониот логор Јасеновац.
Додик ја повтори спорната бројка од 700.000 убиени во Јасеновац, посочувајќи дека во Хрватска „сто години ги остреле секири“ за да почнат да убиваат Срби во 1941 година. Тој најави дека во Доња Градина, Србија и Република Српска ќе градат сопствен споменик на жртвите од Јасеновац со цел „да не се ограничи“ начинот на кој во иднина ќе го одбележуваат.
„Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјавите на лидерот на српскиот народ во БиХ, Милорад Додик, во Доња Градина, на комеморацијата на жртвите од усташкиот логор Јасеновац ги смета за неприфатливи и пред се невистинити.
Милорад Додик, покрај повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ.
Ваквите матрици само им штетат на интересите на Хрватите и Србите и во Хрватска и во БиХ. Хрватскиот народ излезе од Втората светска војна на вистинската страна на историјата, на победничката страна. Секое различно толкување на историјата, вклучувајќи го и гореспоменатото на Додик, претставува грубо фалсификување на вистината“, се наведува во одговорот на Милановиќ.
Регион
Драма во Белград: 23-годишен маж силувал старица и ѝ се заканил дека ќе ја убие
Белградската полиција уапсила 23-годишен маж со иницијали С. З. поради сомнение дека силувал старица во нејзината куќа.
По наредба на Обвинителството му била одредена мерка притвор до 30 дена.
Старицата случајот го пријавила во полиција на 7 мај годинава.
Полицијата набргу го идентификувала и го привела.
Според „Телеграф“, С. З. влегол во куќата на постара жена во една белградска населба. Потоа ѝ побарал пари, а бидејќи немала, ја принудил на секс.
„Жртвата рече дека младиот човек ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку го пријави во полиција“, пренесува медиумот.
Несреќната жена добила полесни повреди, а била подложена и на здравствени прегледи, според написите.