Регион
Кон: Луѓето се недисциплинирани, никој не ги почитува мерките
Членот на Кризниот штаб, Предраг Кон, денес истакна дека луѓето се крајно недисциплинирани и истакна дека е задолжително да се носат маски во градините на кафулињата, освен додека се консумираат пијалоци и храна.
„Мораме да разбереме дека сме крајно недисциплинирани. Поминав 50 километри низ Белград вчера. Забележав дека мерките не се почитуваат апсолутно на ниту едно место. 100 проценти од мерките не се почитуваат во кафулињата и градините. Задолжително е да носите маски во градините, освен во ситуации кога пиете и консумирате храна. Не ми е гајле дали некој мисли дека треба да се санкционира, но не може да се очекува дека подоцна нема да има последици“, предупреди Кон.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ пак на прашањето како луѓето да се однесуваат во градините од кафулињата, истакна дека најбитно е растојанието и луѓето да не си дишат едни во други.
Професорот Радовановиќ се согласува дека ни треба поголема дисциплина и дека сме опуштени. А тоа како што нагласи може да има последици.
Сепак, Радовановиќ најголема одговорност гледа во недисциплината на граѓаните но и во Кризниот штаб. Професорот се осврна и на тоа колку е реално можно во пракса да се почитува регулативата за носење маски во кафулињата.
„Формално, тоа е одлука на Кризниот штаб, но факт е дека не е многу реално ваквата одлука да биде буквално применета во пракса. Проблемот е во тоа што луѓето воопшто не носат маски и не ја почитуваат далечината. Постои забележлива релаксација. Нашето однесување е најблиску до мерките и однесувањето на жителите на Шведска.
Ако се почитува растојанието, тогаш едно лице може да се однесува поудобно. Не е добро ако сме глава до глава. Мерката што сè уште важи е дека не треба да има повеќе од пет лица заедно на иста маса. Ако има јаз, и добро е што има повеќе од метар, тогаш ситуацијата е побезбедна. И, ако седиме со блиски луѓе, со кои нормално се дружиме и гледаме, тогаш можеме да бидеме порелаксирани и без маска. Кога се вртат на една иста маса повеќе луѓе и кога дишат едни во други, тоа не е разумно “, заклучува Радовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.