Регион
Косово бара од Србија да ги предаде напаѓачите бегалци; Вучиќ: „Немаме врска со тоа“
Косово побара од Србија да ги екстрадира српските напаѓачи што побегнаа по судирот со косовските полицајци на северот на Косово, во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден косовски полицаец.
Напаѓачите вчера упаднаа во селото Бањска, се судрија со полицијата и се забарикадираа во српскиот манастир. Полицијата ја презеде контролата врз манастирот по убиството на тројца напаѓачи и еден полицаец.
Вооружени полицајци денеска претресуваа куќи во тоа село за да пронајдат 30-ина напаѓачи кои можеби избегале, изјави полициски извор. Новинарите не може да влезат во селото. Косовските власти подоцна во текот на денот објавија дека веруваат дека некои од напаѓачите побегнале во Србија.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свецла, изјави дека шестмина повредени членови на вооружената група се хоспитализирани во јужниот српски град Нови Пазар, во близина на границата на северот на Косово.
„Бараме Србија да ги екстрадира тие луѓе на косовските власти што е можно побргу за да може да бидат изведени пред лицето на правдата за нивните терористички акти заедно со другите што побегнаа во Србија“, рече Свецла за новинарите. Српската влада не одговори на барањето за коментар.
Косовската полиција на новинарите во Митровица им покажа 20-ина теренци и оклопен транспортер што го користеле напаѓачите. Три возила го имаа логото на КФОР. Полицијата исто така покажа запленето оружје и муниција, вклучително и автомати на поранешната југословенска армија, митралези, снајпери, гранати, противтенковски ракетни фрлачи, рачни гранати, мини и беспилотни летала.
„По вчера, ништо не може да биде повторно исто“, рече косовскиот премиер Аљбин Курти на церемонијата во чест на загинатиот косовски полицаец.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги негира обвинувањата на Курти дека Белград го организирал нападот. Тој го обвини Курти за поттикнување насилство преку блокирање на формирањето заедница на српски општини на Косово, што беше одобрено од претходната косовска влада во 2013 година, и со честите полициски рации на северот на Косово.
Курти тврди дека давањето значителна автономија на Србите во северно Косово, всушност, би го поделило Косово по етнички линии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.

