Регион
Студент избоден во студентски дом во Белград: го нападнал колега
23-годишен студент од Свазиленд синоќа околу 2 часот бил избоден со нож во студентски дом во Нов Белград и со тешки повреди бил примен во земунската болница.
Како што пренесуваат медиумите во регионот од полициски извори, студентот од Свазиленд бил повреден по расправија и тепачка со колега (25) од Гвинеја.
Засега не е познато што ѝ претходело на пресметката на двајцата студенти од Африка.
Студентот од Гвинеја, кој го избол студентот од Свазиленд, е уапсен, а ранетиот млад човек со возило на брзата помош е пренесен во болница во Земун, изјавил полициски извор.
Според неофицијални информации, ранетиот студент има убодна рана на стомакот и расеченици на рацете бидејќи се обидувал да му го одземе сечилото од рацете на напаѓачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Милановиќ му одговори на Додик: Хрватите од Втората светска војна излегоа на вистинската страна
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи во врска со тврдењата на Милорад Додик дека хрватскиот народ е колективно виновен за усташките злосторства. „Има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризираа со злосторствата на усташкиот режим“, изјави вчера Додик од Доња Градина, каде што се одржа комеморацијата за жртвите во концентрациониот логор Јасеновац.
Додик ја повтори спорната бројка од 700.000 убиени во Јасеновац, посочувајќи дека во Хрватска „сто години ги остреле секири“ за да почнат да убиваат Срби во 1941 година. Тој најави дека во Доња Градина, Србија и Република Српска ќе градат сопствен споменик на жртвите од Јасеновац со цел „да не се ограничи“ начинот на кој во иднина ќе го одбележуваат.
„Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјавите на лидерот на српскиот народ во БиХ, Милорад Додик, во Доња Градина, на комеморацијата на жртвите од усташкиот логор Јасеновац ги смета за неприфатливи и пред се невистинити.
Милорад Додик, покрај повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ.
Ваквите матрици само им штетат на интересите на Хрватите и Србите и во Хрватска и во БиХ. Хрватскиот народ излезе од Втората светска војна на вистинската страна на историјата, на победничката страна. Секое различно толкување на историјата, вклучувајќи го и гореспоменатото на Додик, претставува грубо фалсификување на вистината“, се наведува во одговорот на Милановиќ.
Регион
Драма во Белград: 23-годишен маж силувал старица и ѝ се заканил дека ќе ја убие
Белградската полиција уапсила 23-годишен маж со иницијали С. З. поради сомнение дека силувал старица во нејзината куќа.
По наредба на Обвинителството му била одредена мерка притвор до 30 дена.
Старицата случајот го пријавила во полиција на 7 мај годинава.
Полицијата набргу го идентификувала и го привела.
Според „Телеграф“, С. З. влегол во куќата на постара жена во една белградска населба. Потоа ѝ побарал пари, а бидејќи немала, ја принудил на секс.
„Жртвата рече дека младиот човек ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку го пријави во полиција“, пренесува медиумот.
Несреќната жена добила полесни повреди, а била подложена и на здравствени прегледи, според написите.
Регион
Сопругата на Зеленски и шефот на украинската дипломатија во ненадејна посета на Србија
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, во знак на затоплување на односите меѓу двете земји, беше во ненадејна посета на Србија, пишуваат медиумите во регионот.
Во својата прва посета на Србија од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година Кулеба се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот премиер, Милош Вучевиќ.
Во соопштението за печатот на кабинетот на премиерот по разговорите се наведува дека „Србија е посветена на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет на секоја земја членка на Обединетите нации, вклучително и Украина“.
Србија прогласи неутралност во однос на војната во Украина, а нејзините власти повторуваат дека Србија никому не му доставува оружје.
Посетата на Кулеба и Зеленска, кои заедно со првата дама на Србија, Тамара Вучиќ, го обиколија главниот град на Србија, наиде на критики во Москва. Рускиот медиум „РИА новости“ објави негативни коментари од читателите, кои посетата ја оценуваат „срамна“.