Регион
Курти: Одлуката за забрана на динарот нема да се укине
Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека неговата влада нема да се меша во одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на динарот, но дека оваа одлука нема да биде поништена.
Курти за британскиот медиум „Блумберг“ изјави дека е за нова регулатива на Централната банка на Косово за постапување со готовина, јавуваат приштинските медиуми.
Тој додаде дека Србите ќе имаат време да се приспособат на новата одлука.
„Не можам да ја повлечам оваа одлука. Нема да имаме никаков вид казнени мерки, не сакаме никого да казнуваме“, рече тој.
Зборувајќи за бриселскиот договор и за охридскиот анекс, Курти рече дека е потребен договор со Србија што е можно побргу и дека сегашните тензии немаше да постојат доколку имаше де факто и де јуре признавање од Србија.
Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаиљи, рече дека регулативата на ЦБК за готовински трансакции од 27 декември 2023 година, која предизвика загриженост кај косовските граѓани што примаат приходи во динари, е донесена за да се обезбеди интегритет и подобрување на финансискиот систем на Косово.
„Уредбата првично се однесуваше на прашањето за интегритетот на финансискиот систем на земјата, регулира дека увозот и извозот на пари, готовина во Косово, се врши само преку Централната банка бидејќи во согласност со законот таа е единствената овластена за снабдување на стопанството или ако тоа го прават од други финансиски институции, да побараат дозвола од Централната банка. Значи, на овој начин ќе знаеме колку пари влегуваат и од која локална или меѓународна банка, а и колку пари излегуваат“, рече Исмаиљи.
„Ако го забранивме динарот, ќе требаше да ги забраниме и фунтата, франкот и доларот. Всушност, тие не беа забранети, само беше дефинирано дека само една единствена валута може да служи како платежно средство, како платен инструмент, а тоа е еврото. Сите други валути, вклучувајќи го и динарот, се дозволени. Значи, секој Србин од Косово не го крши законот кога има динари во џебот, тоа е негов избор, тој има право да оди да ги пренамени во лиценцирана институција, или евра во динари или динари во евра, тој има право да има штедна жиро-сметка, доколку банката ја нуди во динари“, рече тој и потврди дека регулативата во ниту еден член не забранува примање средства од Србија, пренесуваат српските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

