Регион
Лаиќ за хаосот на грчката граница: Бараме објаснување

Српската амбасада во Грција побара објаснување на одлуката според која српски туристи денеска не можеа да влезат во оваа земја.
„Дали оваа одлука важи за државјаните на Србија бидејќи пред два дена министерот за надворешни работи на Грција му вети на министерот Дачиќ дека границата ќе биде отворена на 15 јуни?“, рекол министерот за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Лаиќ, за „Танјуг“.
Тој додал дека колони возила чекаат на влезот на Грција.
Лаиќ исто така нагласил дека на 19 мај грчкиот премиер Киријакос Мицотакис исто така му ветил на српскиот претседател Александар Вучиќ и дека сега Србија чека одговор и објаснување.
„Што се случило, буквално во два дена да се донесе една ваква одлука?“, навел Лаиќ.
Одлуката на грчките власти е објавена во нивниот службен весник и веднаш стапила во сила.
Во српската царинска управа велат дека патниците од преминот Прешево на границата со Македонија се враќаат назад за Србија и дека се работи за индивидуални заминувања, кои не се организирани од туристички агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„За нашите браќа“: граѓаните во Белград во редици за да дадат крв за повредените во пожарот во Кочани

Во Институтот за трансфузија на крв во Србија има долги редици хумани белграѓани кои трпеливо чекаат да даруваат крв за, како што велат, нивните браќа, сите млади повредени во страотниот пожар во Кочани, кој ја остави во црно Македонија и целиот регион. Дел од повредените во страшниот пожар се пренесени на лекување во неколку соседни земји, меѓу кои и во Србија, во Ургентниот центар во Белград, како и во Воено-медицинската академија (ВМА), но и во болниците во Ниш.
На улицата Свети Сава 39 во Белград има гужви по ходниците, по скалите, во чекалните, луѓето се трпеливи за да ги направат сите лекарски прегледи и доброволно да даруваат крв. По ходниците е молк, се слушаат само лекари кои повикуваат на хумани доброволни дарители, пренесуваат српските медиуми.
Вчера и денеска на социјалните мрежи се споделуваат фотографии и видеа за долгите колони и големиот одѕив во Институтот за трансфузија на крв во Србија.
Во просториите на Институтот, граѓани за „Блиц“ раскажуваат како биле погодени од оваа страшна трагедија, а дел од нив денеска за прв пат даруваат крв.
Во нивните очи се гледа огромна солидарност и тага, некои останаа без зборови, повторувајќи само дека вакво нешто никогаш повеќе не треба да се повтори на Балканот, пишува медиумот.
Има и такви кои за прв пат доброволно даруваат крв, а еден од нив е и Милош Делиќ од Белград.
„Денеска сум првпат овде, но мојата сопруга е од Македонија и кога видов што се случи, секој од нас треба да дојде да даде крв и да помогне колку што можеме. Нејзин близок пријател беше пејачот Андреј од групата ДНК, кој за жал загина додека им помагаше на децата во пожарот. Во куќата има тага, но ќе помогнеме колку што можеме“, вели тој.
Регион
Мајка и очув во Србија малтретирале 7-годишно девојче, гаселе цигари од неа

Маж и жена се уапсени во белградското предградие Палилула под сомнение дека извршиле насилство врз седумгодишно девојче.
„Нова.рс“ јавува дека надлежното обвинителство наредило С. Д. (24) и К. А. (36) да се задржат во притвор поради сомнение дека заедно извршиле семејно насилство. Набргу ќе бидат слушнати, а српските медиуми утринава објавија дека тие се мајка и очув на малтретираното девојче.
Насилството го пријавила мајката, а кога полицијата пристигнала во нивната куќа, го затекнала девојчето во многу лоша психичка и физичка состојба. Таа имала повреди на целото тело, од кои некои наводно биле предизвикани од гасење цигари на кожата.
Родителите се уапсени на самото место, а детето е пренесено на Ургентниот центар во Белград, каде што му биле констатирани тешки физички повреди, по што е пренесено во Заводот за мајка и дете. Истрагата е во тек.
Регион
Ученичка во хрватско училиште се заканувала со масакр, направила список: „Ќе добиеш куршум во челото“

Во Славонија се појави видео на кое се гледа како ученичка од осмо одделение се заканува дека ќе ги убие своите соученици и составува список на ученици, кои биле цел, дознава „24 седам“.
Здравствениот инспекторат на Министерството сѐ уште го разгледува досието на напаѓачот во загрепското училиште.
Ученичката се фотографирала со пиштол, се заканувала на социјалните мрежи, децата ги нарекувала „Непалци“ и се заканувала со крвопролевање. Наводно било иритирана што тој ден некои луѓе ја задевале во автобусот на пат кон училиште.
Училиштето ги известило надлежните, а полицијата обезбедила патрола. Ученичката е привремено суспендирана од настава на седум дена.
Неофицијално, девојчето потекнува од семејство под надзор на Центарот за социјална работа. Училиштето и полицијата сѐ уште немаат официјално соопштение, а во тек е итен состанок на надлежните одделенија.