Регион
Лекарите од Ниш 12 викенди работеле бесплатно: „Веќе немаме листи на чекање“
„По речиси 100 дена работа и 12 последователни работни викенди, постигната е целта што ја постави Клиниката за кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар во Ниш да ги елиминира сите листи на чекање за кардиоваскуларни операции. Од денеска листите на чекање не постојат на нашата клиника“, објави Драган Милиќ, директор на Клиниката за кардиохирургија при Клиничкиот центар Ниш, на „Фејсбук“.
Милиќ напиша дека клиниката ќе се врати во редовна работа, а ниту еден пациент, кој ќе помине на Клиниката за анестезиологија, нема да чека на операција повеќе од 5 до 15 дена.
Според него, на почетокот на годината имало листа на чекање со 149 пациенти. Таа сега е претворена во список за закажување на кој има 42 пациенти. „Операциите за кои минатата година требаше пациентите да чекаат три-четири, а понекогаш и шест месеци, веќе нема да мора да се чекаат“, напиша Милиќ.
Тој особено посочи дека ниту еден пациент што бил опериран за време на викендот не починал и дека не се покажала точна претпоставката дека за време на викендот се губи концентрацијата и се намалува квалитетот на работата.
Во декември 2022 година лекарите од нишката кардиохирургија побарале да им се дозволи да работат како волонтери и за време на викендите за да се намалат листите на чекање, а побарале од Министерството за здравство и другите надлежни институции да им обезбедат материјал за работа. Но, Министерството и управата на Клиничкиот центар молчеле, па лекарите самоиницијативно решиле да го спроведат својот план, пренесува хрватски „Индекс“.
Милиќ нагласува и дека во однос на минатата година двојно е зголемен бројот на операции, прегледи и хоспитализации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

