Регион
Медведев: Русија ќе ѝ пружи целосна поддршка на Србија за зачувување на интергитетот
Русија е подготвена да пружи целосна неопходна поддршка за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, порача рускиот премиер, Дмитри Медведев обраќајќи им се на пратениците во српското Собрание, за време на неговата еднодневна посета на Србија. Тој рече дека му е драго што повторно се обраќа пред српското Собрание, каде се обратил пред десет години. Повод за посетата на Белград е одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Белград.
Нагласи дека Русија е против еднострано прекројување на мапата на Балканоти го повтори ставот на Русија за Косово, а тоа е резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244.
Тој рече дека денеска е можен само многуполарен свет на основа на почитување на националните интереси и немешање во внатрешните работи. Медведев истакна дека ЕУ го отфрлиле механизмот за соработка со Русија и дека не е сигурен оти поради тоа на некому му е подобро. Додаде дека Русија не се чувствува како казнета и дека не тагува за времето кога се одржувале тие состаноци, но дека има последици. Бизнисот во Европа и во Русија изгуби милијарди евра, кои е невозможно да се вратат, порача Медведев.
Тој укажа на тоа дека проблемите во Европа само се зголемуваат, споменувајќи ја мигранстаката криза и тероризмот. Вели дека настаните на Блискиот исток и во северна Африка покажале дека смената на несоодветните режими и наметнувањето на модел, предизвикуваат хаос на огромни територии.
Тој се заблагодари на Србија, за тоа што, без оглед на притисоците и европските процеси, не вовела санкции на Русија.
„Ние тоа го цениме“ рече Медведев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

