Регион
Момче донесе куршум на училиште во Бања Лука: „Тој е проблематичен, неговите родители се разведени“
Ученик во основното училиште „Свети Сава“ во населбата Лауш во Бања Лука нападнал и удрил свој соученик.
Директорот на ОУ „Свети Сава“ во Лауш, Мирослав Попржен, истакнува дека овој настан се случил надвор од училишниот двор.
„Се случи по час, околу 7-7.30 часот на автобуската постојка спроти нашето училиште. Осмоодделенец го удрил својот врсник по брадата. Сето тоа дојде до раководителот на одделението, кој ми се јави, а потоа стапивме во контакт и со мајката на повреденото момче. Му била укажана лекарска помош и нема сериозни повреди“, изјави директорот.
Директорот изјавил и дека ученикот што го тепал својот врсник е познат по своето проблематично однесување.
„Момчето е префрлено од друго училиште во нашето и е познато по своето проблематично однесување. Потекнува од нефункционално семејство, неговите родители се разведени. И Центарот за социјална работа со момчето се занимава 2 години. Утре ќе има наставнички совет, ќе предложам да биде избркан од училиштето“, рече директорот.
Тој додаде дека пред неколку дена училиштето било известено за случај на куршум во училишниот двор што го носел тој ученик.
„Тоа се случи пред неколку дена, учениците од четврто одделение виделе куршум на игралиштето и пријавиле кај наставничката. Истражувавме заедно со педагогот и дојдовме до заклучок дека куршумот го донел тој ученик. Кога го повикавме таткото да дојде на училиште, тоа момче избега. Подоцна негов соученик го сретнал пред училиштето, каде што и признал сè, а пред татко му тврдел дека куршумот го нашол во куќата на дедо му и дека го донел во училиште за да го фрли. Мислам дека случајот со куршумот нема врска со синоќешниот настан“, рече директорот и додаде дека случајот е пријавен во полиција и сега сè е во нивна надлежност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

