Регион
Мртво бебе пронајдено во бунар во Хрватска, уапсена 20-годишна девојка
20-годишна жена е осомничена за кривично дело тешко убиство на новороденче во Перушиќ, чие тело беше пронајдено на 4 август, објавија хрватските медиуми.
„Полициските службеници од Службата за криминалистичка полиција завршија обемна и сложена кривична истрага во врска со откривањето на телото на новороденче во областа Перушиќ, кое беше пронајдено на 4 август 2023 година. Од спроведената кривична истрага е утврдено дека осомничената, 20-годишна хрватска државјанка, сторила кривично дело тешко убиство“, соопшти хрватската полиција.
Во меѓувреме, девојката е уапсена, соопштија од полицијата и додаваат дека заради заштита на семејството, не може да откријат повеќе детали, пишува „Јутарњи лист“.
Порталот „Слободна Лика“ објави дека тело на новороденче е пронајдено во селски бунар во местото Прван Село кај Перушиќ. Го пронашол сточар кога дошол да земе вода од бунарот. Новороденчето е пронајдено во речиси напуштена населба, па се претпоставува дека е донесено таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Градоначалникот на Белград му се закани на маж и му го фрли мобилниот: Се чувствувал загрозен, објавија српските медиуми
Александар Шапиќ, градоначалник на Белград и кандидат за нов мандат на СНС, денеска предизвика инцидент и му го скрши мобилниот телефон на маж.
Имено, Шапиќ се појави на прес-конференција на која требаше да зборува за отстранување на сплавовите на савскиот насип, а потоа почна да разговара со граѓаните, што набрзо доведе до инцидентот.
По краток разговор тој почнал да си оди, кога еден од граѓаните почнал да го снима. Во тој момент Шапиќ му го зел мобилниот телефон и го скршил, пренесува Нова.рс.
Prostački napada @AcaSapic na aktiviste- otimanje telefona, razbijanje o beton i salva pretnji i uvreda tzv. gradonačelnika danas na Savskom keju. pic.twitter.com/6ImjFn9JQ1
— Petar Djuric (@Petar__Duric) May 9, 2024
Имено, како што пишува српскиот портал, мажот прашал до која година може да се легализираат дивоградбите, по што Шапиќ бурно реагирал.
На снимката се слуша како еден човек вели дека Шапиќ почнал да се заканува, со неколку пцовки, по што Шапиќ му го скршил мобилниот телефон.
Не е првпат неговите конференции да бидат обележани со физички инциденти и навреди.
Човекот кому Шапиќ му го скрши мобилниот телефон е активистот Александар Цвркотиќ, кој за Данас изјави дека го прашал кандидатот на СНС до кога може да се легализираат објектите. „Слушнав дека неговата куќа е изградена по годината пропишана со закон“, рече Цвркотиќ.
Регион
Кси Џинпинг му подари скулптури на Вучиќ кои го симболизираат кинеско-српското пријателство
За време на официјалната посета на Белград, кинескиот претседател Кси Џинпинг на српскиот претседател Александар Вучиќ му подари скулптури на Небесниот храм во Пекинг и Храмот на Свети Сава изработени од челик.
Фотографија на Кси Џинпинг и Вучиќ во присуство на нивните сопруги кои ги гледаат подароците беше објавена на интернет од страна на помошничката министерка за надворешни работи на Кина, Хуа Чунјинг, а пренесена од Спутник.
President Xi gifted President Vučić sculptures made of steel produced by the HBIS Smederevo steel plant. pic.twitter.com/66Mh5cae5v
— Hua Chunying 华春莹 (@SpokespersonCHN) May 9, 2024
Таа во најавата наведе дека на скулптурите се претставени небесниот храм во Пекинг и храмот Свети Сава во Белград, кои го симболизираат кинеско-српското пријателство.
Регион
Вучиќ до Силјановска-Давкова: Уверен сум дека ќе продолжиме да работиме на зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ ја честита победата на Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија.
„Ѝ честитам на Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседател на Северна Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Уверен сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија, со цел напредок и благосостојба на нашите народи, како и просперитет на целиот регион“, изјави Вучиќ на платформата „Икс“.
„Многу ми значат вашите честитки“, му одговори Силјановска-Давкова на Вучиќ по упатената честитка.
„Вашите искрени честитки ми значат многу, претседателе Вучиќ. Очекувам дека ќе продолжиме да работиме на подобрување на одличните македонско-српски односи. Ви благодарам многу, претседателе Вучиќ“!, напиша таа во својот одговор на социјалната мрежа X.