Европа
Српски медиуми: НАТО тренира во Македонија во случај на прелевање на кризата од Украина
Голема воена вежба, во која учествуваат околу 4.600 американски и сојузнички сили, почнува в четврток, 12 мај, на полигонот Криволак во Северна Македонија и има цел да ги тестира силите на НАТО во случај украинската криза да се прелее на Балканот или во Источна Европа, пренесуваат медиумите во соседството.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, вежбата наречена „Брз одговор 22“ почнува со слетување засилен баталјон од американската 173. падобранска бригада на Криволак.
На вежбата, како што анализираат, освен американски војници, ќе учествуваат и припадници на вооружените сили на Северна Македонија, Велика Британија, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и на Грција.
„Сенката на војната во Украина е силна и повеќе нема политички еуфемизми во објаснувањата за сценаријата на вежбата. Јасно е дека ова е проверка на НАТО во случај да треба да се вклучи на Балканот или на Истокот“, се вели во текстот објавен во српските медиуми.
Предвидено е ангажирање 45 авиони и хеликоптери, околу 1.800 падобранци и заштита на борбени авиони.
Порталот додава дека централно место на вежбата е полигонот Криволак бидејќи е уреден за обука во услови блиски до војна. На тој простор, покрај слетувањето, ќе биде прикажана и директна воздушна поддршка, пренесуваат српските медиуми.
Анализираат дека на вежбата ќе учествуваат американски авиони „А-10“ од Националната гарда на Мериленд, а на аеродромот „Петровец“ пристигнаа хеликоптери Chinook и Black Hawk од Америка и Apache од Велика Британија.
Во написот се додава дека вежбата ќе трае до 20 мај и е дел од меѓународната вежба организирана под истото име оваа пролет во арктичките, балтичките и во балканските региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

