Регион
„Немаше свои деца, но го даде животот штитејќи туѓи“: исповед на братот на убиениот чувар Драган

Во масовна престрелка во ОУ „Владислав Рибникар“ загинаа осум деца, како и еден обезбедувач, а ранети се шест ученици, како и наставник по историја.
Крвавиот масакр го извршил ученик од седмо одделение на тоа училиште, а прв на мета бил обезбедувачот Драган В.
„Децата рекоа дека секогаш ќе го паметат затоа што бил ангел. Тој беше нивниот омилен чувар“ – изјавила мајката на ученик од седмо одделение кој го посетува тоа училиште.
„Тој беше извонреден човек, вистински добар дечко, не сакам да биде дека нешто преувеличувам, но навистина е така“, изјави братот на покојниот Драган В. за Телеграф.рс.
Според него, Драган бил разведен и не оставил потомци.
„Немаше деца, разведен беше, но го даде животот штитејќи други деца“, вели тој.
„Не знаеме кога ќе биде погребот, сите се изгубени“, рекол братот на Драган.
Голема трагедија се случи во средата околу 08:40 часот кога малолетникот К.К.(13), ученик во седмо одделение, уби 8 ученици од ова училиште и еден обезбедувач, а рани 6 ученици и наставник по историја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Обвинителството на БиХ нареди приведување на Додик

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за приведување на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, на сослушување.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од судската полиција со асистенција на која било полициска агенција, пишува „Кликс“. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок.
Од прес-службата на Вишковиќ во РС потврдија дека добиле информации за налогот за апсење потпишан од државниот обвинител Ќазим Хасанспахиќ. Оваа наредба, наводно, била проследена до правосудната полиција, Министерството за внатрешни работи на РС и Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), но од Обвинителството на БиХ нема коментар.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ не се јавија на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит. Доколку не бидат приведени, ќе биде издадена внатрешна потерница според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе, вклучително и Граничната полиција.
Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна.
Регион
Марк Руте: Ја поддржуваме нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, страните треба да направат компромиси

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека страните мора да направат „соодветни компромиси“ во дијалогот што се води со посредство на Европската унија.
„НАТО ќе продолжи целосно да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, предводени од ЕУ. Ова е единствениот начин да се решат отворените прашања и да се обезбеди стабилна иднина и да се заштитат сите заедници. За да продолжи овој дијалог, двете страни мора да покажат флексибилност, да направат соодветни компромиси и да се фокусираат на долгорочните придобивки“, рече Руте на заедничката прес-конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи.
Руте додаде дека „целосно разбира дека ова бара тешки одлуки, но мора да се види поголемата слика“.
„Нормализацијата носи поголема стабилност, повеќе можности за инвестирање и следствено долгорочна безбедност за целиот регион во корист на сите. Ова е порака што ќе продолжам да ја повторувам“, рече Руте.
Тој додаде дека посветеноста на НАТО за стабилност и мир во Косово и во регионот останува непоколеблива.
„Нашите војници неуморно работат на обезбедување безбедна и сигурна средина во согласност со мандатот на КФОР. Побезбеден регион значи поголема безбедност за целата област на НАТО“, рече тој.
Тој додаде дека НАТО е подготвен да одговори на секој безбедносен развој.
„И во таа смисла, се надеваме дека ќе видиме уште подлабока соработка меѓу косовските институции и КФОР. НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога во својот мандат за безбедност на сите. Ова го правиме во тесна соработка со косовската полиција, ЕУЛЕКС и нашите соодветни улоги“, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО оцени и дека сите страни треба да ја изберат дипломатијата наместо насилството.
Руте рече и дека НАТО е во близок контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ќе бидам многу директен, само заедно можеме да имаме мир во регионот. Мора да има политичко решение, кое бара лидерство од сите политичари. Треба да работиме заедно“, рече Руте, додавајќи дека мандатот на НАТО е да се погрижи Косовските безбедносни сили да бидат ефективни во својата хуманитарна улога.
Тој понатаму рече дека благодарение на американскиот претседател Доналд Трамп е направен „чекор напред“ во однос на започнување преговори за ставање крај на војната во Украина.
Регион
Најстариот американски сенатор го спореди Додик со Караџиќ: „Ќе работам со администрацијата на Трамп за да го спречам“

Чарлс Грасли, најстариот актуелен сенатор на САД и најдолговечен републиканец во историјата на американскиот Конгрес, синоќа говореше од говорницата на американскиот Сенат.
Во својот говор сенаторот Грасли од сојузната држава Ајова укажа на ситуацијата во Босна и Херцеговина, како и на активностите на Милорад Додик, наведувајќи дека „ќе работи со администрацијата на Доналд Трамп за да обезбеди продолжување на притисокот врз Додик и неговите сојузници“ да ги почитуваат мировните договори со кои ставија крај на насилството во 1995 година, пренесува N1.ba.
На почетокот на својот говор еден од најистакнатите републиканци потсети на геноцидот во Босна и Херцеговина и изјави дека тоа се случило поради луѓе како Додик, а неговиот претходник Радован Караџиќ издржува доживотна казна затвор за воени злосторства и геноцид.
Во својот говор тој потсети и на мировните договори со кои беше ставен крај на тој геноцид.
„Со години лидерите на српскиот ентитет на чело со Додик се закануваат со отцепување. Запомнете дека во 90-тите имаше војна и геноцид поради луѓето како Милорад Додик, кои се однесуваа како сега. Неговиот претходник Караџиќ издржува доживотна затворска казна за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Многу Босанци настрадаа во тоа страшно етничко насилство, кое не смее да се повтори“, изјави сенаторот, а пренесува „Вјести.ба“.
Тој рече дека босанско-американските граѓани во Ајова, неговите избирачи, се длабоко загрижени. Тој ги поддржа ставовите на државниот секретар Марко Рубио. Грасли додава дека САД внимателно следат кој го поддржува етничкиот сепаратизам во Босна и во регионот и дека тоа нема да заврши добро за нив.
Тој потсети дека Додик е осуден за неуставни дејства со отфрлање на авторитетот на босанските државни институции.
„Националното собрание на РС усвои закони со кои се забранува работата на државните институции. Ова е многу загрижувачко. САД презедоа акции преку Рубио покажувајќи дека тоа е приоритет на администрацијата на Трамп. Многу внимателно ја следам ситуацијата. САД набљудуваат кој ја поддржува стабилноста и кој спроведува етнички сепаратизам и потенцијален геноцид што може да се повтори. Запомнете дека не заврши добро за нив. Ќе работам со администрацијата на Трамп за да се осигурам дека ќе продолжам да вршам притисок врз г. Додик и неговите сојузници да престанат и да ги почитуваат мировните договори,, кои ставија крај на насилството во 1995 година“, заклучи тој.