Регион
Нехамер: ЕК го поддржува планот за протерување на мигрантите од Западен Балкан
Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер тврди дека Европската комисија го поддржува неговиот план да ги протера од Западен Балкан оние илегални мигранти кои немаат шанси да добијат статус за престој во Европската Унија.
Нехамер рече дека разговарал со еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон и дека таа ветила целосна поддршка за тој план. Комесарот за проширување на ЕУ Оливер Верхеј исто така вети финансиска помош за извршување на протерувањето од Балканот.
Во април Нехамер објави пилот-проект за протерување мигранти без можност за добивање статус за престој во ЕУ. Во таа насока, тој ги посети Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Планот се однесува и на доброволно враќање и на протерување.
„ Поддршката на Европската комисија, како во организацијата на договорот за враќање, така и во реализацијата на протерувањето од Балканот, е важен столб за успехот на овој план“, рече Нехамер.
Јохансон најави дека ќе ја посети Србија за две недели, а причината е стапување во сила на договорот за статусот на Фронтекс, кој ја зајакнува заштитата на границата.
Нехамер рече дека своето знаење стекнато при неговата посета на Западен Балкан го споделил со потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас, словенечкиот министер за внатрешни работи Алеш Хојс и неговиот унгарски колега Сандор Пинтер.
Во своите разговори, како што истакна во изјавата, тој ја подвлече важноста за поддршка на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие се транзитни земји и во моментов немаат договори со земјите на потекло за реадмисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.