Регион
Опасни услови на патиштата во БиХ: предупредување поради мраз, снег и силен ветер
Поради ниските температури состојбата во сообраќајот во Босна и Херцеговина е отежната, а посебно внимание треба да се посвети на голомразицата. На делниците на повисоките места, каде на места има набиен снег, се препорачува дополнителна претпазливост.
Исто така, на пониските места возачите треба да внимаваат на мостовите, вијадуктите и приодите на тунелите, каде што е можна појава на мраз.
Силните ветрови создаваат снежни наноси на неколку клучни патни делници. Овие снежни наноси дополнително го отежнуваат сообраќајот, а во моментов има силни налети на ветер во Херцеговина, што го зголемува ризикот за сите учесници во сообраќајот.
Се предупредува и на чести одрони на бројни делници, што дополнително ја зголемува опасноста по патиштата. На возачите им се препорачува да возат внимателно, да ја прилагодуваат брзината на условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните предупредувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во 17 часот и 37 минути во областа на Крит, најголемиот остров во Грција.
Епицентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од околу еден километар под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Регион
Маж пронајден мртов во шума во Босна и Херцеговина, властите се сомневаат дека бил убиен и закопан
Маж е пронајден мртов во шумата во општина Пале во Босна и Херцеговина, а полицијата истражува можност за убиство. Телото на мажот е пронајдено во селото Јеловци и е закопано во шума, пренесува Кликс.ба.
Според неофицијални информации, полицијата се сомнева дека човекот бил убиен, а неговото тело потоа било закопано во шума. Жртвата е идентификувана како Александар Томиќ, познат како Бато, а едно лице е приведено на информативен разговор.
Полицијата во моментов води истрага, по што се очекуваат повеќе информации.
Регион
Комесарката за проширување на ЕУ: Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги
Агресивната војна против Украина отвори можност за проширување на Европската Унија, но нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги, изјави во комесарката за проширување, Марта Кос.
Таа разговараше со членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Посочи дека руската војна против Украина го оживеа процесот на проширување, но дека не треба да се очекува поради тоа да се разблажат условите за пристапување.
„Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги“, рече Кос. Таа изрази надеж дека во текот на следните шест месеци, за време на полското претседавање со Советот на ЕУ, Украина и Молдавија ќе може да отворат еден или два кластера, а земјите од Западен Балкан ќе отворат неколку кластери и ќе затворат некои поглавја.
„Доколку земјите кандидати истраат во своите реформски напори, би можеле да имаме поголем напредок за време на полското претседателство отколку во последните десет години. Можно е да се одржат 10 меѓувладини конференции за пристапување и мислам дека тоа е изводливо“, рече Кос. Таа додаде дека има реални изгледи за време на мандатот на оваа Комисија, една, две или три земји кандидати да стигнат до целта.
Истовремено, предупреди за сложеноста на процесот на проширување, кој е целосно во рацете на земјите членки, кои мора да дадат едногласна согласност за секој чекор во процесот. „Потребни се 150 едногласни одлуки за почнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат“, рече Кос.
Таа рече дека треба да се направи сѐ за да се избегнат билатералните прашања што влијаат на преговарачкиот процес, „но тоа веќе се случува и ќе се случува во иднина, па задача на сите нас е да ги решиме кога ќе се појават“.