Регион
Откриен е идентитетот на Србинот масакриран во Виена, со отсечени делови од телото
Поминаа два месеца од веста за монструозното убиство на Србин во стан на границата на областа Отакрин-Херналс кога виенската полиција кон крајот на февруари годинава го пронашла неговото осакатено тело во станот заедно со дрога. Идентитетот на овој човек сега е и официјално утврден, а како што пренесуваат виенските медиуми, станува збор за дваесет и седумгодишен човек од Србија.
Се огласи и портпаролката на локалната полиција ,Барбара Гас, која истакна дека е очигледно дека се работи за мафијашко убиство.
„Станува збор за дваесет и седумгодишен маж со српско потекло, а со оглед на околностите во кои е пронајден трупот, најверојатно се работи за организиран криминал“, посочи портпаролката на полицијата.
Идентификацијата на Србинот беше многу потешка поради состојбата во која беше пронајден. Трупот на мажот бил во напредна фаза на распаѓање, а делови од телото, вклучително и прсти, биле отсечени. Инаку, во станот во кој бил искасапен Србинот пронајдена е комплетна опрема за касапење и чистење, како и документите на тројца Срби. Уште тогаш виенските истражители се сомневаа дека зад ова свирепо злосторство стои балканската мафија токму поради стилот на самата егзекуција.
Полицијата во разговорот со соседите не успеала да добие повеќе информации со оглед дека во зградата никој не ја видел жртвата, а според истражителите, лешот бил пронајден во напредна фаза на распаѓање, па се претпоставува дека бил таму дури и неколку месеци пред откритието.
„Можно е лешот да бил таму во станот со недели, можеби и месеци. Во секој случај, јас никогаш не го видов убиениот, но забележав дека на неговата врата секогаш висеше порака“, вели соседот С. Р. за виенските медиуми, инаку Србин што бживее во зградата во која се случило злосторството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

