Регион
Пилот ги преплашил патниците: Се надевам дека ќе имаме доволно гориво да слетаме
Вистинската драма се случувала на летот од Лондон до Дубровник.
Околу 150 патници на „Бритиш ервејс“ патувале речиси 24 часа од Лондон до Дубровник, а наводно за сè е виновно невремето.
Авионот од Лондон требало да слета во Дубровник во недела во 21:25 часот и се се одвивало според распоредот додека не пристигнал пред градот. Според сведочењето на патниците, пилотот неколку пати се обидел да слета на тамошниот аеродром, но не успеал.
Потоа авионот речиси половина час кружел над Дубровник обидувајќи се да слета, но повторно не успеал. За тоа време патниците од патничката кабина гледале други авиони како слетуваат и полетуваат од аеродромот во Дубровник.
По неколку неуспешни обиди за слетување, пилотот ги известил патниците дека не може да слета поради силниот ветер и дека ќе слета во Загреб. Тој додал дека се надева дека ќе имаат доволно гориво за да стигнат до аеродромот во Загреб, што ги направило патниците уште понервозни. Летот за Загреб и слетувањето поминале без проблеми, па патниците 20 минути по полноќ излегле од авионот и влегле во зградата на аеродромот.
Соговорници на „Јутарњи лист“ тврдат дека никој не ги пречекал на аеродромот, ниту им објасниле што да прават и кога можат да летаат за Дубровник. Според нив, дури малку подоцна пилотот им објаснил дека мора да одмори најмалку 12 часа и дека нема да може да полета пред тоа. Затоа, патниците го принудиле да оди да спие што е можно поскоро.
Бидејќи во тој момент ништо не работело на аеродромот, патниците тврдат дека биле оставени сами на себе, а од машината можеле да пијат само вода.
Администрацијата на аеродромот во Загреб пак го тврди спротивното. Според нив, патниците при излегувањето од авионот ги пречекале вработени лица од аеродромот кои им дале известување од авиокомпанијата да си најдат сопствено сместување и дека „Бритиш ервејс“ ќе им ги надомести трошоците.
Освен тоа, вработените организирале и возење со такси за што поскоро да стигнат до нивното привремено сместување.
Патниците од авионот, пак, наведуваат дека транспортната траума продолжила и во текот на денешниот ден. Дури денеска во текот на претпладнето патниците добиле СМС-порака дека не можат да слетаат во Дубровник поради лошите временски услови и дека од Загреб ќе полетаат во 13 часот и 30 минути. Но и тоа ветување не се остварило.
Неколку часа подоцна добиле нова порака во која пишувало дека ќе полетаат од Загреб во 15 часот и 30 минути и дека ќе добијат ваучер за освежување на аеродромот.
Револтираните патници не добиле никакво објаснување зошто морале да чекаат 16 часа во Загреб за летот за Дубровник, ниту пак зошто компанијата ги контактирала дури десетина часа по слетувањето во Загреб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Милановиќ му одговори на Додик: Хрватите од Втората светска војна излегоа на вистинската страна
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи во врска со тврдењата на Милорад Додик дека хрватскиот народ е колективно виновен за усташките злосторства. „Има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризираа со злосторствата на усташкиот режим“, изјави вчера Додик од Доња Градина, каде што се одржа комеморацијата за жртвите во концентрациониот логор Јасеновац.
Додик ја повтори спорната бројка од 700.000 убиени во Јасеновац, посочувајќи дека во Хрватска „сто години ги остреле секири“ за да почнат да убиваат Срби во 1941 година. Тој најави дека во Доња Градина, Србија и Република Српска ќе градат сопствен споменик на жртвите од Јасеновац со цел „да не се ограничи“ начинот на кој во иднина ќе го одбележуваат.
„Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјавите на лидерот на српскиот народ во БиХ, Милорад Додик, во Доња Градина, на комеморацијата на жртвите од усташкиот логор Јасеновац ги смета за неприфатливи и пред се невистинити.
Милорад Додик, покрај повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ.
Ваквите матрици само им штетат на интересите на Хрватите и Србите и во Хрватска и во БиХ. Хрватскиот народ излезе од Втората светска војна на вистинската страна на историјата, на победничката страна. Секое различно толкување на историјата, вклучувајќи го и гореспоменатото на Додик, претставува грубо фалсификување на вистината“, се наведува во одговорот на Милановиќ.
Регион
Драма во Белград: 23-годишен маж силувал старица и ѝ се заканил дека ќе ја убие
Белградската полиција уапсила 23-годишен маж со иницијали С. З. поради сомнение дека силувал старица во нејзината куќа.
По наредба на Обвинителството му била одредена мерка притвор до 30 дена.
Старицата случајот го пријавила во полиција на 7 мај годинава.
Полицијата набргу го идентификувала и го привела.
Според „Телеграф“, С. З. влегол во куќата на постара жена во една белградска населба. Потоа ѝ побарал пари, а бидејќи немала, ја принудил на секс.
„Жртвата рече дека младиот човек ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку го пријави во полиција“, пренесува медиумот.
Несреќната жена добила полесни повреди, а била подложена и на здравствени прегледи, според написите.
Регион
Сопругата на Зеленски и шефот на украинската дипломатија во ненадејна посета на Србија
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, во знак на затоплување на односите меѓу двете земји, беше во ненадејна посета на Србија, пишуваат медиумите во регионот.
Во својата прва посета на Србија од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година Кулеба се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот премиер, Милош Вучевиќ.
Во соопштението за печатот на кабинетот на премиерот по разговорите се наведува дека „Србија е посветена на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет на секоја земја членка на Обединетите нации, вклучително и Украина“.
Србија прогласи неутралност во однос на војната во Украина, а нејзините власти повторуваат дека Србија никому не му доставува оружје.
Посетата на Кулеба и Зеленска, кои заедно со првата дама на Србија, Тамара Вучиќ, го обиколија главниот град на Србија, наиде на критики во Москва. Рускиот медиум „РИА новости“ објави негативни коментари од читателите, кои посетата ја оценуваат „срамна“.