Регион
Пожарникарите втор ден се борат со пожарите во Грција, илјадници деца евакуирани од камп
Пожарникарите во Грција втор ден продолжуваат да се борат со пожарот на четири фронта, а повеќе од илјада деца се евакуирани од летен камп бидејќи пожарите што избувнаа вчера сѐ уште траат.
Противпожарните и спасувачките тимови, како и армијата на Грција, се обидуваат да ги локализираат пожарите, кои избувнаа на повеќе локации, во источна Атика, Капарела, Лутраки и Дервенорија, пренесува „Катимерини“.
Најтешка е ситуацијата во Дервенорија, каде што непристапниот терен со засилен ветер и екстремните временски услови, кои се очекуваат и денеска, не дозволуваат ограничување на фронтот бидејќи станува збор за густа шума, која поттикнува ширење на пожарот, пишува грчкиот весник.
Во крајбрежниот град Лутраки, западно од Атина, 1.200 деца се евакуирани додека пожарот се приближил до нивниот камп, јавува Би-би-си.
Полицијата уапси маж осомничен дека подметнал нов пожар во Куварас, Атика, југоисточно од грчката престолнина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двојно убиство во Црна Гора, се бара сторителот
Безживотните тела на маж и жена беа пронајдени синоќа во стан во центарот на Никшиќ, а се сомнева дека станува збор за двојно убиство. Телата беа пронајдени во стан на улицата Пека Павловиќ во центарот на Никшиќ. Се бара сторителот, пишува Телеграф.рс.
„Полициските службеници на Западниот регионален безбедносен центар, Оддел за безбедност во Никшиќ, синоќа околу 19:20 часот биле известени од член на семејството дека лицето М.П. (74) не одговара на телефонски повици и дека не воспоставиле контакт со неа два дена“, се наведува во соопштението за медиумите. Како што истакнува полицијата, веднаш биле преземени мерки за пронаоѓање на М.П., по што полициските службеници лоцирале стан, кој бил заклучен.
„Во согласност со законските овластувања, полициските службеници влегоа во внатрешноста на станот каде што го пронајдоа безживотното тело на М.П., како и безживотното тело на М.В. (41) со видливи повреди за кои постои сомневање дека се предизвикани со употреба на ладно оружје, поточно нож. Изнајмениот стан го користел М.В.“, додаде полицијата.
„За инцидентот веднаш беше информиран обвинителот на Вишото државно обвинителство во Подгорица, кој заедно со полициските службеници спроведе истрага на местото на настанот. За време на полициско-обвинителските активности, полицијата дозна за идентитетот на сторителот на ова кривично дело, и се работи интензивно на негово лоцирање и апсење“, се наведува во соопштението за медиумите.
Како што додаваат, мотивот за тешкото кривично дело им е познат на властите. „Имајќи ја предвид неговата тежина, како и приватните околности на повредените лица и сторителите, во оваа фаза од постапката не можеме да дадеме повеќе детали“, соопшти полицијата.
Регион
Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци
Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.

Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.

Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.

По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.
Регион
Во Грција поплавени патиштата поради бурата, а училиштата во делови од земјата затворени
Бурата „Бајрон“, која ја погоди Грција, предизвика затворање на многу училишта, поплавени патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.
Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.
Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.
Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумот и приземјето на зградата на повисоките катови поради развојот на поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност, јавува Танјуг.
Надлежните служби на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во зголемена готовност.
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, денес нема да работат, објавија грчките власти. „Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Ние донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Фото: ЕПА

