Регион
Поради закана од бомба евакуирани пациенти од болничкиот центар во Бања Лука
Закана за бомба денеска ги принуди вработените во Клиничкиот центар во Бања Лука да ги евакуираат пациентите кои се лекуваат таму, додека полициските истражители се обидуваат да откријат кој стои зад сличните заканувачки пораки кои еден ден претходно стигнаа до стотици училишта и полициски станици во БиХ.
Клиничкиот центар Бања Лука, една од најголемите здравствени установи во БиХ, заканата за бомба ја добил во раните утрински часови по електронска пошта, а веднаш потоа пациентите и вработените биле преместени од сите соби на улица, чекајќи во кревет или на нозе. Од раководството на Клиничкиот центар изјавиле дека заканата ја сфатиле крајно сериозно и веднаш повикале полиција.
„Го осудуваме фактот што здравствените установи, медицинските работници и најранливата категорија граѓани станаа цел на вакви дела кои предизвикуваат чувство на несигурност и страв“, се вели во соопштението.
Заканите за бомби кои доаѓаат од електронски адреси во странство станаа вистинско зло во БиХ, а само во средата повеќе од 400 основни и средни училишта, главно во Република Српска, мораа да бидат евакуирани поради ваквите лажни извештаи.
Подоцна во текот на денот, слични закани стигнаа до електронските адреси на неколку полициски станици во Сараево, па нивните вработени мораа да чекаат со часови на улиците за да завршат антидиверзантските претреси. Засега нема индиции кој стои зад ваквите закани, но од обвинителството и полицијата ги сметаат за крајно сериозни и речиси сите случаи ги истражуваат како терористички дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
До кога Бугарите ќе можат да плаќаат и во лева и во евра по 1 јануари 2026 година
За разлика од неограничената размена на лева за евра, плаќањата во обете валути, познати како период на двојна циркулација, се ограничени од 1 јануари до 31 јануари 2026 година.
Во текот на овој едномесечен период, левото и еврото ќе бидат во оптек истовремено, при што обете валути ќе имаат статус на законско средство за плаќање. Ова го објави Бугарската народна банка, пренесе бугарски „Фокус“.
После тоа, од 1 февруари 2026 година, еврото ќе остане единствена валута на Бугарија.
Луѓето ќе можат да продолжат да менуваат лева, доколку сè уште ги имаат, во БНБ, во комерцијални банки или во пошти (во населби каде што нема канцеларии на комерцијални банки).
Бугарија од 1 јануари влегува во еврозоната, и почнува да го користи еврото за плаќања во земјата.
Фото: pexels
Регион
Уапсен напаѓачот кој во Белград избоде жена пред внукот
Тихомир Крстиќ (44), повеќекратен повратник во извршување кривични дела, е уапсен под сомнение дека во саботата, 27 декември, во влез од зграда во Нов Белград нападнал жена и ѝ нанел девет убодни рани. Крстиќ има долга криминална историја и најчесто бил осудуван за разбојништва и кражби, при што чести негови жртви биле и деца, пишува „Телеграф.рс“.
Според сомневањата, Крстиќ ја нападнал жената околу 13 часот во станбена зграда во Нов Белград, и тоа пред нејзиниот внук. Ѝ задал повеќе убоди со нож, по што ја ограбил и побегнал. Според информациите на „Блиц“, повредената жена е во стабилна состојба и не е животно загрозена.
Таа здобила три убодни рани во пределот на десната клучна коска, една на левата страна, четири во левото рамо и една во главата. Лекарите констатирале и повреда на белите дробови. Жената е сместена на Одделот за интензивна нега, каде што нејзината состојба и понатаму се следи.
Криминалното досие на Крстиќ покажува дека ова не му е првпат да користи нож при закани. Уште во август 2011 година, од двајца малолетници одзел два мобилни телефони и 200 динари, заканувајќи им се: „Извадете од џебовите сè што имате, ќе ве избодам со нож и ќе пукам во вас!“
Само два месеца подоцна, во октомври истата година, повторно нападнал две момчиња. Им пришол и побарал да му позајмат мобилен телефон, а кога му рекле дека немаат кредит, ги замолил да му го покажат патот. Откако прифатиле да му покажат каде е автобуската станица, ги запрел на крстосница, извадил нож од левата патика и им наредил сè што имаат да го извадат од џебовите и да го остават, заканувајќи се дека ќе ги избоде. Едното момче му предало мобилен телефон, додека другото останало без пари, телефон, сребрено ланче, нараквица и рачен часовник.
По грабежот, Крстиќ им наредил: „Трчајте надолу, ако ве чујам, ќе ве стигнам и ќе ве избодам!“, по што момчињата побегнале. Само пет дена подоцна, украл мобилен телефон и од една жена, приоѓајќи ѝ одзади и истргнувајќи ѝ го уредот од рака додека разговарала.
Полицијата по Крстиќ трагала повеќе од 24 часа. Министерството за внатрешни работи во два наврати објавило негови фотографии, апелирајќи до граѓаните да пријават доколку имаат информации. Уапсен е на автобуска станица во Раковица, недалеку од зградата во која живеел.
Според неофицијални информации, Тихомир бил пуштен од затворот Забела пред околу два месеца. Живеел во Раковица со девојка која изнајмила стан. Соседите раскажале дека секогаш ја спуштал главата кога минувал покрај нив и дека постојано носел капа.
Регион
(Видео) Силна експлозија пред училиште во Загреб
Силна експлозија синоќа ја вознемири загрепската населба Трешњевка, откако во дворот пред основно училиште во Новa цеста била активирана силна пиротехничка направа, јавува „Дневник.хр“.
Според сведоци, се слушнале две експлозии, а една од жителките изјавила дека од силниот удар се треселе прозорците.
Од загрепската противпожарна служба соопштиле дека во 22:56 часот добиле пријава за пожар на игралиштето на Основното училиште „Јулије Кловиќ“, предизвикан од пиротехничка направа, кој бил изгаснат по нивното пристигнување. Во интервенцијата учествувало едно противпожарно возило.

