Регион
Почна вакцинацијата на монасите на Света Гора
Вакцинацијата на монасите на Света Гора почна откако бродот на крајбрежната стража ги испорача првите 400 дози од вакцината на „Фајзер“, пренесува порталот на грчката православна црква „Ромфеа“.
Центарот за вакцинација е формиран во Здравствениот дом во Кареја, а во петокот биле вакцинирани првите 36 монаси, како и вработени соработници на манастирот, а вакцинацијата продолжила за време на викендот.
Првата вакцина на Света Гора ја прими архимандритот Вартоломеј, игумен на канонскиот Есфигмен во Кареја. Вакцини примија и некои монаси од Ивирон, Кутлумуш и Симонопетра, кои вчера беа во Кареја.
Почетокот на вакцинацијата на Света Гора беше планиран за минатата среда, но поради силниот ветер, вакцините не можеа да бидат доставени до полуостровот. Вакцинацијата продолжи и во неделата, а според грчките медиуми, 2.000 дози вакцини ќе бидат доставени на Света Гора.
Нешто помалку од 2.000 монаси во моментов живеат на Света Гора. Кај монасите има голем интерес за вакцинација, пишува „Ромфеа“.
Првиот случај на коронавирус на Света Гора се појави во март минатата година, а пациентот беше монах од манастирот Ксенофон, кој отпатува за Шкотска и Англија на почетокот на март 2020 година. Вкупно четири монаси, од различни манастири, починаа во претходниот период од компликации на вирусот, а околу 10 кои беа хоспитализирани и беа во критична состојба, успеаја да се справат со болеста.
Светата планина е „запечатена“ од почетокот на минатиот декември, а според одлуката на Светата заедница, забраната за аџии важи до 30 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

