Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска порача дека нема да потпише никакво помилување или аболиција за оние кои учествувале во насилствата по студентските протести во Белград. Тој најави дека ќе следуваат нови апсења, бидејќи, како што рече, сѐ уште се врши идентификација на осомничените.
„Ова не е крај, лицата се идентификуваат, на тоа работи БИА“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија не може да се победи со насилство: „Неа не можете да ја победите со насилства, таа не запре и нема да застане“.
Тој оцени дека повиците на крајот од протестот, особено изјавата „имате зелено светло“, претставуваат директен повик за граѓански конфликти и напади врз полицијата.
„Ги повикувам надлежните обвинителства да си ја работат својата работа, да не се преправаат дека се неспособни и наивни. Доаѓа време на одговорност, почитувани граѓани“, додаде Вучиќ.
На заедничката прес-конференција, министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ информираше дека по протестот се приведени 77 лица, од кои 38 се задржани, а меѓу нив има и едно малолетно лице.
„Против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 лица ќе се води прекршочна постапка“, изјави Дачиќ, додавајќи дека се повредени 48 полицајци, од кои еден со тешки повреди на главата, а уништена е и значителна количина заштитна опрема.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, остро го осуди насилството и побара сите страни да се воздржат од дополнително разгорување на тензиите.
„Србија е демократско општество во кое мислењата мора да се изразуваат на мирен и цивилизиран начин, без загрозување на безбедноста на граѓаните и јавниот ред и мир“, изјави Мацут.
Тој им се заблагодари на припадниците на полицијата и безбедносните служби за брзата и професионална интервенција.
Своја реакција имаше и претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, која обвини дека студентите на протестот упатиле повик за граѓанска војна.
„Блокаторите не го завршија својот митинг на Видовден со зборовите ‘Да живее Србија’, туку со морничав повик за убивање на Србија – монструозен и отворен повик за граѓанска војна. Памти Србијо“, напиша таа на мрежата Икс.