Регион
Радев и Петков кај Макрон за укинување на ветото за Македонија
Бугарскиот претседател Румен Радев и премирот Кирил Петков наскоро ќе одат во посета на Франција, каде се очекува да го одобрат предлогот на претседателот Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите за членство на Македонија во ЕУ, пренесува БГНЕС.
Ова за БГНЕС го соопштиле учесниците на последниот коалициски совет што се одржа во петокот вечерта, на 27 мај. Како што наведуваат од БГНЕС, изворите се од различни политички формации и секој поединечно ја потврдил оваа информација.
На средбата присуствуваа Кирил Петков, Асен Василев, Иван Ченчев, Георги Свиленски, Гроздан Караѓов, Станислав Балабанов, Велислава Петрова, Атанас Атанасов и Владислав Панов.
Како што се наведува, „француското претседателство ветило дека ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.
„Ова практично значи дека целосно му веруваме на Макрон, но во исто време ризикуваме да западнеме во децениски спор, бидејќи секоја од земјите членки ќе може да блокира каква било одлука. Тоа ќе биде бесконечен спор и не сакаме турска верзија“, изјавил еден од учесниците за БГНЕС.
Според друг учесник на состанокот на 27 мај, планот на Макрон „има предлози кои не се јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина“.
„Учесниците во коалицискиот совет беа многу импресионирани од информацијата дека ‘претседателот Радев имал многу позитивен разговор со Макрон’. Ова е толку транспарентно. Еден ден по советот, самиот Радев го кажа следново: ‘Можам да му честитам на претседателот Макрон за неговата визија и храброст да бара соодветно решение за да се најде излез од оваа ситуација и да се поддржат вистината и правдата’“ рекол член на коалициониот совет.
Советот за национална безбедност (НАС) што го побара премиерот Кирил Петков за Македонија ќе биде свикан по неговата посета на Франција. Самиот премиер се обврзал лично да го одржи.
Националниот совет ќе ѝ даде мандат на претседателката на Собранието, Корнелија Нинова, да го поддржи предложениот текст. Останатите партии кои се дел од владината коалиција ќе ги повикаат своите пратеници „да гласаат со чиста совест или да го поддржат единственото можно решение“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.