Регион
Словенка за пари си ја отсекла раката, полицијата ја откри измамата
Словенка намерно си ја отсекла раката за да земе пари од осигурувањето. Но, измамата била откриена, а таа останала покуса за 383.000 евра. Овој неверојатен случај на измама што го испланирала 21-годишната Словенка е главна тема во медиумите во регионот.
Заедно со неа за планирање и извршување обид за измама се осомничени тројца мажи од Љубљана и околината, 29-годишник, 58-годишен и 63-годишниот маж, во чиј дом сè било испланирано и направено.
На крајот на минатата недела полицијата успеа да го реши случајот и да поднесе кривични пријави. Сите четворица беа уапсени минатата недела по што двајцата беа ослободени од притвор и ќе се бранат од слобода, а 21 девојка и нејзиниот 29-годишен помагач се во притвор.
Во случај измамата да успеала, Словенката од осигурителните компании ќе зела 383.000 евра отштета, а веројатно и повеќе од три илјади евра доживотна месечна рака за инвалидност. Но, планот го осуетила полицијата, која утврила дека девојката, која е од околината на Љубљана, намерно си ја отсекла раката над зглобот, а потоа побарала отштета од повеќе осигурителни компании пријавувајќи дека станува збор за несреќа при сечење гранки за огрев со циркуларна пила.
Во текот на истрагата било утврдено дека осомничените направиле детален план на крајот на минатата година и меѓусебно си поделиле улоги. Потоа тие склопиле осигурителни полиси во случај на несреќа со пет осигурителни компании, во кои биле предвидени високи парични отштети и ренти. На почетокот на годината, кога ја уплатиле првата рата за осигурување, 21-годишната девојка намерно си ја отсекла раката со цел тоа да го прикаже како несреќа.
63-годишникот, кој учествувал во обидот за измама, ѝ укажал прва помош и повикал лекари, но отсечениот дел од раката го оставил на местото на наводната несреќа. Подоцна полицијата ја зела раката и ја однела во болница, каде што лекарите ѝ ја сошиле спасувајќи ја од траен инвалидитет.
Неколку дена по наводната несреќа осомничените поднеле барање за отштета, но полицијата во тоа препознала обид за измама. За обид за измама на повеќе осигурителни компании им се заканува од една до осум години затвор
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

