Регион
Србија подготвена прва во Европа да ја произведува „спутник В“
Србија би можела да биде прва држава во Европа што би ја произведувала руската вакцина против Ковид-19, „спутник В“, е потврдено по посетата на руски стручњаци. Како што пренесуваат српските медиуми, делегација руски експерти, кои стигнале утрово во Србија, процениле дека за првата фаза од производството на вакцината во Србија постојат технолошки услови.
Министерот без ресор, Ненад Поповиќ, по состанокот со претставниците од Русија, изјави дека в петок во Институтот „Торлак“ ќе се разговара на ниво на експерти. Според него, за таа прва фаза постојат услови, односно за транспорт на супстанциите, полнењето, пакувањето и дистрибуцијата во Србија, потребни се два-три месеци.
„Србија на тој начин би била прва земја во Европа што би ја произведувала вакцината“, рече Поповиќ, а веќе седум други земји, како Германија, Австрија, Унгарија и други, изразиле желба итно да почнат со производство на „спутник В“.
За епидемиологот д-р Бранислав Тиодоровиќ, тоа би било феноменално и голем чекор од повеќе причини.
Според него, Институтот „Торлак“ поминал низ тежок период, а со производство на вакцината би се вратила дел од некогашната слава.
„Институтот ‘Торлак’ беше една силна фирма меѓу четирите најголеми производители на детски вакцини. Може да имате зграда, тоа не е проблем, опрема, машини, но најважен фактор се луѓето. Сепак, „Торлак“, како и целата земја, помина низ тежок период. Сега, колку луѓето се стручни, колку научници има, дали ќе викнеме некого од странство…“, размислува Тодоровиќ.
Според него, има повеќе фактори зошто производството на вакцината во Србија е добро, но издвојува три.
Прво, вели тој, луѓето имаат доверба во домашните вакцини. Секогаш кога ќе ги вакциниравмек прашуваа зошто не е на „Торлак“.
Втор важен фактор е што ќе се сочува и економијата. Секако, домашното производство би ја забрзало и вакцинацијата.
Досега во Србија вакцинирани се речиси 550.000 луѓе, а во тек е масовна ревакцинација на населението. Србија е апсолутен лидер во вакцинација против Ковид-19 во регионот и втора во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.