Регион
Српската државна изборна комисија ја оспорува кандидатурата на „шегобиецот“ Љубиша Прелетачевиќ – Бели
Српската државна изборна комисија (РИК) во неделата пред истекот на рокот за поднесувањето на кандидатурите за претседателските избори во Србија ги оспори потписите на српскиот политичар и лидер на граѓанското движење „Само јако“, Лука Максимовиќ, попознат како Љубиша Прелетачевиќ – Бели, кој на локалните избори минатата година во земјата преку пародија кампања успеа да добие 13 мандати во локалното собрание на општината Младеновац, пренесуваат српските медиуми.
Прелетачевиќ во неделата пред истекот на рокот бил повикан во РИК бидејќи во дел од собраните потписи не стоела одредницата „Група граѓани“, пред описот на неговото движење „Бели – само јако“. Конечната одлука на РИК ќе се знае во понеделникот после пладне, пишува N1.
Народниот фаворит и шегобиец Бели, по повод случајот не се огласи во медиумите, но на својот Фејсбук профил напиша дека очекува „работите да се решат на убав и фин начин“. „Напнато е, ве сакам сите. Без загриженост, ќе решиме се убаво и фино“, напиша Прелетачевиќ.
Лидерот на граѓанското движење кое започна во Младеновац минатата година со паролата „Сарму пробо ниси“, во Белград во неделата пристигна во бела лимузина и ги предаде потписите за претседателската кандидатура, а целото случување беше пренесувано во живо на Фејсбук.
Политичарот под псеводоним, кој на минатите локални избори успеа да добие 13 мандати во локалното Собрание на Младеновац, за своето алтер-его (Љубиша Прелетачевиќ – Бели) вели дека не е ништо друго, туку типичен српски политичар: гласен, нечесен и неискрен; се занимава со некои матни работи и не почитува закони./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

