Регион
„Тенк вреден 25 милиони евра? Треба да лета“: Милановиќ шокиран од цената на возилото што сака да го купи Хрватска
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска учествуваше на церемонијата на доделување чинови и прием на питомци на воена служба, а по тој повод ги коментира цените на најмодерните германски тенкови „Леопард 2А8“, кои Хрватска има намера да ги купи со цел ги замени своите застарени тенкови „М-84“, произведени за време на поранешната држава.
„Кога станува збор за одбранбената индустрија, секаде каде што е можно, што не е секаде и не често, треба да се обидете сами да ги развивате работите“, вели тој.
„Опремата е незамисливо скапа, проклето е скапа, необјасниво скапа. Дека тоа се екстремни суми, кои денес се бараат и се добиваат од одредени борбени системи, и дека тоа е реалност. А тоа што сте насочени кон многу ограничен број доставувачи, а не дека е мантра или поговорка да се каже околу 2 отсто од БДП за одбрана, е само пресметковна ставка“, рече Милановиќ.
„Затоа што за тие два отсто или милијарда, милијарда и пол евра може да купите илјада тенкови, а можете да купите два пара чевли или една пушка „репетитор“. Тоа е клучната работа.
„Ако тенкот чини 25 милиони евра. Единственото нешто што на овој тенк му треба е да лета за тоа да биде вистинската цена на тој тенк. Не можеме да си дозволиме сè што би сакале и никогаш нема да можеме во такви услови, но треба да бидеме, ќе кажам, пресметани и себични и добро да размислуваме пред секоја одлука бидејќи тие се долгорочни. Бродот што се гради, дај боже да се довршат тие што се градат, да пловат, а тие што ќе дојдат, се градат со многу, многу добро осмислен буџет, каква способност добивате, колку чини, дали можете да го одржувате и слично“, рече Милановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.

