Регион
Милановиќ за Уставниот суд: Нека се одважат да донесат одлука за промена на датумот за избори, нема да заврши добро
Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ денеска вербално го нападна претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, велејќи дека со промена на датумот на изборите, тоа тело ќе направи уште поголем уставен удар бидејќи не смее да го допира датумот на изборите, а ако тоа се случи, тој се закани дека нема да завршат добро.
„Кумот на Шекс и претседател на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ денеска се осмели да коментира кога ќе биде датумот на изборите и дека можеби нема да биде кога реков. Тоа што го направија има елементи на државен удар“, рече Милановиќ.
Во изјава за новинарите коментираше дека со промена на датумот за избори, Уставниот суд ќе направи уште поголем уставен удар од порано.
Датумот на изборите, нагласува тој, го одредува претседателот на Републиката, шефот на државата.
„Тоа е суверено право, уставно право. Јасно пропишано. Ниту еден Уставен суд не може да ги забие валканите прсти во тоа“, додаде тој.
Рече дека токму поради тоа не поднесува оставка од претседателската функција.
„Ако поднесам оставка, тие веднаш ќе ја искористат можноста да прогласат вонредна состојба и да манипулираат со датумот на изборите и веројатно прво да се распишат нови претседателски избори во договор со Пленковиќ“, рече тој.
Оцени дека се работи за совршено инволвиран механизам на влијание и измама.
„Нека се одважат да донесат одлука за промена на датумот за избори, нема да заврши добро. Повторно ќе ја донесам истата одлука, па ќе видиме“, рече Милановиќ, кој тврди дека ова е избезумен обид да се осуети волјата на народот и дека изјавата на Шепаровиќ е кривично дело.
Тој посочи и дека тоа е зла намера за дестабилизација на државата и ги повика граѓаните да дадат отпор на кој начин знаат.
„Тоа не се нормални луѓе. Опасни типови, не само со опасни намери, туку со опасни потези. Уставниот рок е јасен и во него мора да се одржат изборите, и тоа само кога ќе го одреди претседателот на Републиката. Уставниот закон не вели дека Уставниот суд може да го поништи датумот за избори. Лажат, измислуваат“, рече претседателот на Хрватска.
Тој го нарече премиерот на таа земја, Андреј Пленковиќ, „сует, шуплив кариерист“ и „син на мама“, критикувајќи го дека не се залага за правата на Хрватите во Босна и Херцеговина во врска со одлуката за отворање на пристапните преговори на нашата земја со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Регион
Шји Џјинпинг: Србија е првата земја од Европа со која ќе изградиме заедница со заедничка иднина
Претседателот на Народна Република Кина, Шји Џјинпинг, изјави дека во денешните разговори со претседателот Вучиќ е постигнат значаен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина.
„Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа, а денеска станува првата европска земја во која ќе изградиме заедница со заедничка иднина“, рече Шји во говорот по размената на потпишаните меѓудржавни договори меѓу Србија и Кина во Палатата „Србија“.
Тој посочи дека како вистински пријатели и добри партнери Кина и Србија уживаат политичка доверба, која е силна како карпа.