Регион
Четири години по разорниот земјотрес во Загреб, обновени 3.000 згради
Пред четири години на денешен ден Загреб беше погоден од силен земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала. Градот сè уште полека напредува и обновени се 3.000 згради, пишуваат хрватските медиуми.
Штетата од земјотресот, каков што Загреб нема видено од 1880 година, беше проценета на 11,6 милијарди евра.
Zagreb, sada. Zabeležio Tomislav Potnar. #zagreb #zemljotres #hrvatska pic.twitter.com/AKK7V5uzIS
— У С Т А Н А К 202 (@USTANAK202) March 22, 2020
По земјотресот, беа оштетени голем број станбени објекти, семејни домови, образовни, културни и здравствени установи, вкупно 25.000 објекти. Во моментот во Загреб се отворени 425 градилишта, од кои повеќето се поврзани со структурно реновирање, 212 станбени згради се во процес на барање изведувачи, 155 од нив се во процес на проектирање, а до крајот на летото треба да се доизградат 41 куќа, од кои седум преку моделот самореновирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на „Guitar Art“ денеска собра 1.000 гитаристи на плоштад во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на ’Трг Републике’. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на плоштадот да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.