Регион
Трае потрагата по исчезнатото двегодишно девојче во Србија
Трае потрагата по двегодишното девојче, кое исчезна вчера околу 13.45 часот во приградската населба Бањско Поле, недалеку од Бор во Србија.
Тоа во моментот на исчезнувањето носело виолетови панталони и маслинесто-зелена јакна.
Мајката раскажала како Данка исчезнала додека одела да му даде вода на постарото дете. Се свртев да му дадам вода на другото дете и кога повторно погледнав – ја немаше“, раскажала преплашената мајка за „Телеграф“.
Веста за исчезнувањето бргу се прошири на социјалните мрежи. Во потрагата учествуваат војска, полиција, кучиња трагачи, граѓани. Системот за алармирање наречен „Најди ме“ беше активиран првпат во Србија. Информацијата за исчезнатото девојче е испратена преку СМС до сите граѓани на Србија.
На приодот кон Бањско Поље се поставени пунктови на кои полицијата врши преглед на возилата, јавува „Танјуг“. Проверени се сите напуштени објекти на тоа место, а сослушани се и сите лица што претходно имале проблеми со законот.
Претседателот на српскиот центар за исчезнати и малтретирани деца (ЦНЗД), Игор Јуриќ, за „Танјуг“ изјави дека „една минута е многу важна“ во случајот со исчезнатите деца.
„Важно е луѓето што ја примиле пораката, особено оние што се во околината на Бор, да се активираат и да ги споделат сите информации со полицијата затоа што секоја информација е важна сега и може да биде спасоносна. Затоа, не двоумете се, дури и ако не сте целосно сигурни, подобро е да го споделите тоа со полицијата“, рече Јуриќ.
„Јавете се на 192. Следете ги вестите. Исчезна дете во Бор“, стои во пораката прикажана на автопатите.
Околу еден час по полноќ почна да врне силен дожд во околината, што ја отежна потрагата. Температурите се ниски. Пред куќата на исчезнатото девојче синоќа се собраа голем број луѓе, а местото на настанот го чуваше полициски кордон.
„Околу куќата на Илиќ има неколку дупки. Овде има неколку дупки длабоки меѓу еден и два метра. Овие дупки се наполнија со подземна вода. Моментно проверуваат со стапови дали можеби девојчето паднало во некоја од нив. Засега нема ништо пронајдено во нив“, изјави синоќа еден од соседите, пренесува медиумот.
Градоначалникот на Бор, Александар Миликиќ, изјави дека во текот на првиот ден во потрагата учествувале повеќе од 350 лица. „Тоа е приградска населба, која има и многу тежок терен. Има шуми и потоци. На самиот крај од тоа место се случи исчезнувањето на нашиот мал сограѓанин“, изјави Миликиќ.
„Речиси повеќе од осум квадратни километри се пребарани со термални камери. Пристигнуваат два дрона од приватни компании, кои имаат термални камери“, најави тој. Тој им се заблагодари на сите граѓани што дојдоа да помогнат, но апелира и да не се прават големи метежи за да не се мешаат во работата на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трагедија на Уна во Хрватска: се превртел чамец, има загинати
Хрватската полиција и припадници на Хрватската горска служба за спасување од утрово трагаат по лица, најверојатно мигранти, кои завршиле во реката Уна кај Хрватска Костајница, пренесува Н1 Хрватска.
Полицајци околу 4:45 часот слушнале повици од реката Уна кај местото Росуље. Веднаш притрчале на помош и пронашле едно живо лице и едно безживотно тело. Бидејќи се сомнева дека во водата има уште лица, започната е спасувачка акција, потврдиле за 24сата од Полициската управа сисачко-мославачка.
Во потрагата се вклучени и дронови за што побрзо лоцирање и извлекување на лицата. Утврдено е дека дошло до превртување на чамец, објави Вечерњи лист.
Како што неофицијално дознава 24сата, во чамецот кој пловел кон хрватскиот брег имало најмалку пет лица, а наводно станува збор за мигранти и криумчар.
Регион
Радев: Украина сè уште има работа пред да се приклучи кон ЕУ, не треба да го заборавиме Западен Балкан
Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна поднесе оставка и најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина, пренесе БГНЕС. бг.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

