Регион
На Трифонов му пречи што во францускиот предлог се зборува за македонски јазик и бугарско малцинство
Францускиот предлог за укинување на ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за ЕУ, поднесен од премиерот Кирил Петков до собраниската комисија за надворешна политика, зборува за „бугарско малцинство“. Тоа е нешто што ние како Бугари никогаш не сме го прифатиле, бидејќи вистината е дека во Северна Македонија нема бугарско малцинство, туку има Бугари. Ова го изјави лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов во телевизиско обраќање, пренесе БГНЕС.
На Трифонов му пречи и формулацијата „македонски јазик“ во предлогот.
„Иако ние Бугарите не го прифаќаме постоењето на македонскиот јазик, бидејќи таков јазик нема, сите други европски земји ќе го признаат. Ова е резултат на двојната политика на Кирил Петков од моментот кога стана премиер“, рече Трифонов.
Вели дека една од добрите причини поради кои ги повлекол министрите од Владата е веќе факт.
„Глупавите обвинувања за мафија и корупција се смешни и апсурдни објаснувања за неспособноста и националното предавство на Кирил Петков“, рече Слави Трифонов.
Лидерот на ИТН повтори дека нема коалиција меѓу неговата партија, ГЕРБ и ДПС и нема ни да има.
Претходно францускиот предлог го коментираше и шефот на државата Румен Радев. Според него, овој предлог е чекор во вистинската насока, но уште голем број прашања треба да се разјаснат пред да се укине ветото. Во таа насока тој повторно подвлече дека барањето за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав мора да се направи пред почетокот на преговорите.
Премиерот Кирил Петков, пак, не знае дали парламентот ќе се произнесе за францускиот предлог до самитот на ЕУ. Петков објасни дека на самитот на ЕУ следната недела нема да оди со владиниот став, туку со ставот на парламентот, доколку го има. Петков кому му се заканува пад на Владата откако ИТН ја напушти коалицијата вели: „За да остане оваа коалиција нестабилна, постојано се зборуваше за С Македонија и за идното предавство на Бугарија, 20 пати повторив дека нема да има одлука на оваа тема без бугарскиот парламент, но како да не сум рекол. Јас како премиер нема да донесам никаква одлука доколку тоа не добие зелено светло од бугарскиот парламент. Следната недела ќе одам во Брисел, ако немаме одлука, единствено што ќе кажам во Брисел е: ‘ветив дека оваа одлука треба да ја донесе парламентот и бидејќи не е донесена, јас нема да направам никаква промена во бугарската позиција’“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.