Регион
Турци што работат во саудискиот конзулат повикани на разговор во полиција

Пет турски државјани вработени во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул биле повикани на информативен разговор и дале изјави како сведоци во истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, пренесуваат турските медиуми.
Досега обвинителството добило 20 изјави од конзулатот, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на информации во турските медиуми.
Претходно, денеска, саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал-Џубеир, изјави дека саудискиот новинар Џамал Кашоги бил убиен во неовластена операција, објави Би-би-си. Во интервју за „Фокс њуз“ шефот на саудиската дипломатија нагласил дека смртта на новинарот била огромна грешка и ги отфрлил наводите дека моќниот саудиски принц Мохамед бин Салман го наредил убиството на Кашоги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мал авион кој полетал од Загреб исчезна над Словенија

Податоците на „Флајтрадар“ покажуваат дека мал авион „муни овејшн М20Р“, кој полетал од Загреб, исчезнал нешто по 8 часот наутро во областа Велика Планина во Словенија.
„24.ур“ пишува дека се работи за американски авион, кој почнал спирално спуштање од височина од 2,5 километра.
Љубљанската полиција изјавила дека, најверојатно, се работи за авионска несреќа поради што во реонот се трага. Подоцна, полицијата соопшти дека била известена оти комуникацијата на малото летало со контролата на летање била прекината, пренесе „Индекс.хр“.
„Контактот со леталото е изгубен од засега непозната причина во областа Велика Планина, каде што полицијата и спасувачките служби моментно вршат активности. Потрагата е отежната поради екстремно лошите временски услови и слабата видливост, што исто така го отежнува летањето на спасувачките хеликоптери“, додаваат тие.
Според првичните информации, во авионот имало едно лице, јавува порталот „Камник инфо“. Покрај полицијата и пожарникарите, во потрагата учествуваат и планински спасувачи од Камник и Целје.
Регион
Вучиќ: Во моменти кога безбедносната ситуација на Балканот е сериозно разнишана, Србија се стреми да ги зачува мирот и стабилноста

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на покана на премиерот на Србија, Милош Вучиќ, присуствуваше на седницата на владата на Република Србија.
По седницата на Владата, тој се огласи на својот официјален инстаграм-профил.
„На состанокот на владата разменивме информации за актуелната безбедносна состојба во земјата и регионот, особено се фокусиравме на безбедносните предизвици на Косово, како и во Босна и Херцеговина.
Разговаравме и за севкупните аспекти на најавениот протест на 15 март. Во моменти кога безбедносната ситуација на Балканот е сериозно разнишана, Србија се стреми да ги зачува мирот и стабилноста, како и безбедноста на сите граѓани.
Ги разгледавме и состојбата на економијата во пресрет на тековните протести, како и штетите предизвикани од овие настани, кои се рефлектираат во намалувањето на инвестициите и други предизвици за економијата. Се согласивме дека е од суштинско значење да се преземат итни мерки за ублажување на последиците и поддршка на економските сектори погодени од овие околности.
Ја истакнав потребата од соработка на сите институции и релевантни актери за да се обезбеди стабилност и да се обезбеди поддршка на граѓаните и бизнисите“, беше наведено на официјалниот инстаграм-профил на претседателот на Србија.
Регион
Најавен пороен дожд во БиХ, на Јабланица повторно ѝ се закануваат разорни поплави

Властите во Јабланица, град во северна Херцеговина, каде што 19 лица загинаа во поплавите и свлечиштата на почетокот на октомври 2024 година, упатија итен повик до надлежните служби да преземат мерки поради можни нови поројни поплави бидејќи се очекуваат обилни врнежи од вечерва.
Според информациите од Федералниот хидрометеоролошки завод, за 11 март е во сила портокалово предупредување поради очекуваните обилни врнежи од дожд, кои би можеле да бидат најизразени во северниот дел на Херцеговина и централниот дел на Босна, кои исто така претрпеа последици по поплавите на почетокот на октомври.
Се очекуваат од 30 до 60 литри дожд на квадратен метар, на места и до 100 литри, а налетите од југ би можеле да достигнат и 80 километри на час, се наведува во предупредувањето.
Штабот за цивилна заштита им наложи на сите надлежни служби да ги преземат неопходните мерки за евентуална евакуација на населението во случај на поплави, одрони и наноси од шут.
Локалното комунално претпријатие итно почна со чистење одводи и шахти.
Во текот на 3 и 4 октомври минатата година во Босна и Херцеговина загинаа вкупно 27 лица по поројни поплави и одрони од карпи, а најтешко беше во Јабланица, каде што загинаа 19 лица.
Многубројни семејни домови и инфраструктура на тоа место сè уште не се целосно реновирани.
Многу жители сè уште живеат во привремено сместување, а некои патишта и комунални системи остануваат оштетени, што дополнително ги зголемува ризиците пред новите врнежи.