Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра

Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Добив понуда од моќни луѓе

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека некои моќни луѓе од Европа му понудиле мирно да ја напушти Босна и Херцеговина.
„Имам понуда од некои моќни европски луѓе, кои ми испратија порака дека немаат ништо против да заминам и да бидам слободен во Унгарија, Русија, Србија, каде и да сакам“, рече Додик во емисијата „Телеринг“ на РТРС. Тој рече дека нема да ја напушти Република Српска.
Пред еден месец судот на БиХ издаде налог за апсење на Додик и му одреди едномесечен притвор поради одбивање да се јави на поканата од Обвинителството на БиХ за сослушување како осомничено лице.
Додик беше прогласен за виновен со првостепената пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Покрај тоа, Додик е под истрага за сомнителното купување вила во Белград, а тој одби да се јави на поканата за сослушување во тој случај.
Регион
Јотова: Постои обид од колегите од РСМ нормалните барања на Бугарија да ги претстават како каприц

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ќе разговараат за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тие ќе учествуваат на отворањето на форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“.
„Ова ќе биде моја прва средба со комесарката Кос. Сакаме да чуеме од неа каква е визијата за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Мојата опсервација е дека оваа тема е целосно напуштена во последните месеци“, рече таа пред почетокот на форумот, пренесуваат бугарските медиуми.
Јотова исто така потврди дека ќе го изнесе ставот на Бугарија во врска со Република Северна Македонија.
„Според мене, оваа дебата се искривува, и овде во Бугарија и на европската сцена. Постои обид од страна на нашите колеги од РСМ да ги претстават нормалните барања на Бугарија – да се почитуваат европските критериуми – како речиси каприц од наша страна, а покрај тоа, се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е вистина“, коментира Јотова.
Регион
Додик: Во која било друга земја се чувствувам побезбедно отколку во БиХ

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека се чувствува побезбедно во која било друга земја отколку во Босна и Херцеговина, но и дека чувствува задоволство затоа што знае дека е во право и дека се брани од неправда со многу волја и енергија. Тој истакна дека дури и пред пресудата на неуставниот суд се чувствувал несигурно во Босна и Херцеговина.
„Јас сум човекот што досега имаше најголем број закани во БиХ, од луѓе од БиХ и однадвор, кои, мотивирани од политичкиот ислам, ми се закануваа мене и на моето семејство“, рече Додик во гостувањето во емисијата „Телеринг“ на РТРС.
Индикативно е, според Додик, што никој не поведува спорови против овие луѓе.
Додик истакна дека ова се прави и со поранешниот министер за безбедност во Советот на министрите, Ненад Нешиќ, кој беше прогласен за виновен во истрагата и е во притвор четири месеци.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека не би препорачал никому да се обиде да го уапси бидејќи го штитат полицијата на Република Српска и добро обучените специјални сили.
„Верувам дека не може да ме уапсат. Според Уставот, ме штитат полицијата на Република Српска и добро обучените специјални сили, кои неодамна беа наградени на голем меѓународен натпревар во Дубаи“, изјави Додик за швајцарскиот неделник „Велтвохе“.
Зборуваме за специјалните сили лојални на Република Српска, кои веруваат дека прогонот на Милорад Додик како претседател претставува прогон на Република Српска.
„Затоа не би му препорачал на никого од Сараево да се обиде во тоа. Ќе се браниме“, рече Додик.