Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.
Регион
Вучиќ не открива дали ќе биде кандидат за премиер: „Не е време да се зборува за тоа“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека одлуката дали ќе биде кандидат за премиер треба да биде негова, како и одлука на народот кој, како што нагласи, сака промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос и промени какви што, според него, наметнуваат блокадерите.
Вучиќ ги замоли сопартијците да не зборуваат за тоа дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори и да не шпекулираат на таа тема.
„Не е ни време ни место. Прво, тоа мора да биде моја одлука – дали се чувствувам доволно способен и дали го сакам тоа, а потоа мора да биде одлука на народот. А народот сака промени, само не сака промени какви што му наметнуваат блокадерите, туку промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се знае дали тој ќе биде кандидат за премиер на парламентарните избори.
Вучиќ рече дека е тешко да не се посака промена на некој што, како што наведе, е 14 години на власт, и дека тука не мисли само на политичките неистомисленици, туку и на оние што го поддржуваат.
„Мене ми останува само да кажам колку грешев и колку работи пропуштив да направам. Секој ден се каам што понекогаш сум се опуштил и можеби не сум работел онолку колку што требаше за да постигнеме уште подобри резултати“, рече Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Тој оцени дека на следните избори ќе победи оној што ќе ги убеди граѓаните дека е способен истовремено да донесе и стабилност и промени.
„Што се однесува до премиерот, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност“, изјави Вучиќ.
Тој наведе дека има илјада забелешки на сопствена сметка, но дека се постигнати резултати кои денес се земаат здраво за готово и повеќе не се ценат затоа што луѓето се навикнале на нив.
Истакна дека за првпат во историјата Србија има стабилен курс на динарот, а дека поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, кој се споменува како име на студентско-блокадерската листа, го уништил динарот и му ја намалил вредноста за 50 отсто.
Вучиќ додаде дека денес Србија има и најниска стапка на јавен долг во однос на бруто-домашниот производ во модерната историја.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА

