Регион
Хрватски свештеник: Оралниот однос е перверзија во бракот, колку пати сте го имале?
Хрватски свештеник вели дека мастурбацијата и оралниот секс се перверзии во бракот. Тој смета дека верниците треба да се подготват на одредени прашања пред да одат на исповед пред некој свештеник.
„Мастурбација-задоволување, порнографија и перверзии во брачниот однос (орален однос) и колку пати сте ги имале, се само дел од прашањата коишто треба да си ги поставите пред исповед, а потоа треба да ги споделите одговорите на тие прашања со свештеникот кој ве сослушува“, велат упатствата на Дон Јосип Радиќ.
Но, според Радиќ, тоа не е единственото што луѓето би требало да го споделат со попот ако сакаат да добијат спас на душата, кој свештениците го ветуваат.
Исто така треба откриете дали сте учествувале во извршување на абортуси или еутаназија и ако сте, колку пати сте го сториле тоа. Немојте да мислите дека сте се извлекле ако зад себе немате абортуси или еутаназии, Радиќ препишал уште неколку гревови, а за сите од нив, го интересира само едно прашање: „Колку пати?“.
„Пазењето од зачнување во бракот: прекин на односот, користење презерватив, таблети? Колку пати? Стерилизација“, набројува Радиќ.
Тој ја споменува и облеката која ја смета за грешна.
„Дали со разголеноста, со проѕирната облека или тесната облека сте навеле други на грев?“ прашува Радиќ.
Тој не појаснува дали се брои секој пат кога некој носел облека припиена за тело или само кога навел некој друг на грев. Иако оплодувањето е потпомогнато од медицината и тоа донесе голема радост кај семејствата, за Радиќ сте грешник ако само го поддржувате тоа. Според него, јогата е лоша и окултна пракса, на исто ниво како и разговорот со паднатите ангели, додека оралниот однос е перверзија во бракот.
Неговата теорија предизвика реакции на социјалните мрежи.
„Ајде католици….колку пати?“, „Каква е ситуацијата со оралниот однос надвор од бракот – прашувам за пријателка“, „Дали е грев кога наговоруваш некого да ти ги прераскаже своите сексуални доживувања и опише што и колку пати правел“ се дел коментарите под фотографијата што ги остави без здив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ за состојбата на Дачиќ: „Се плашиме дека има нешто друго што не можеме да го видиме
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Казахстан зборуваше и за состојбата на министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кој сè уште е на интензивна нега во Клиничкиот центар на Србија.
„Во постојан контакт сум со министерот за здравство, не сакам директно да му досадувам на докторот. Штом ќе слетам вечерва, ќе одам во болница“, рече Вучиќ и додаде:
„Нема промена во неговата состојба, тоа е добро, но очекувавме побрзи промени. Сè уште не може да се утврди, се плашиме дека има нешто друго што не можеме да го видиме. Сакам да го видам вечерва дали се разбудил. Многу сум загрижен, се молам на Бога да се опорави, ситуацијата не е едноставна“.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија завчера попладне со билатерална пневмонија.
Регион
Брнабиќ: Остануваме цврсто посветени на европската иднина, но процесот мора да биде фер
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, денес во Будимпешта изјави дека Србија останува цврсто посветена на европската иднина, но дека процесот на проширување мора да остане фер и предвидлив.
На 12-тата Конференција на претседатели на парламенти од Југоисточна Европа во Будимпешта, таа истакна дека завршувањето на европскиот проект не е само во интерес на земјите-кандидатки, туку и стратешка потреба на самата Унија, оценувајќи дека тоа е политика од заемна корист.
„Србија е подготвена да продолжи со својот дел со одговорност, самодоверба и јасна визија за цела, силна и инклузивна Европа“, нагласи Брнабиќ.
Претседателката на парламентот изјави дека вистинското прашање денес не е дали проширувањето треба да продолжи, туку дали Европа може да си дозволи да ја замисли својата иднина без целосна интеграција на регионот на Западен Балкан.
„Важно ми е да нагласам дека за регионот на Западен Балкан, европскиот пат продолжува да претставува најсилна рамка за стабилност, развој и демократска трансформација“, рече Брнабиќ.
Таа рече дека не е изненадувачки што денес ситуацијата е непредвидлива, нерамномерна и нестабилна, што укажува дека е потребно да се врати довербата во процесот на проширување, но дека тоа бара флексибилност, како и јасност, предвидливост и еднакви стандарди за сите земји-кандидатки.
„За Европската Унија, проширувањето е повеќе од политика. Тоа е прашање на кредибилитет и стратешка визија. Србија пристапува кон овој процес со сериозност и одговорност. Ние во Србија остануваме цврсто посветени на нашата заедничка европска иднина, но процесот на проширување мора да остане фер и предвидлив“, истакна Брнабиќ.
Како што додаде, ова бара сите земји-кандидатки да бидат оценети според истите стандарди и истите принципи, и оцени дека премногу често тоа не е случај.
„Доследноста не е само техничко прашање, туку апсолутна основа на доверба меѓу Европската Унија и регионот“, рече таа.
Таа посочи два примери од многуте во кои, како што рече, ЕУ ја изневери Србија и сите нејзини граѓани.
Првиот пример е Бриселскиот договор од 2013 година, чиј потписник беше и ЕУ, гарантирајќи го неговото целосно спроведување со својот потпис.
„Во последните 13 години, Приштина не само што не успеа да спроведе ниту една буква од тој договор, туку честопати јавно изјавуваше дека договорот е ирелевантен за нив и дека Бриселскиот договор во основа не постои за нив“, потсети Брнабиќ.
Како што додаде таа, Европската Унија, гарантирајќи целосно спроведување на договорот, речиси молчеше и никогаш не го исполни ветувањето дека договорот ќе биде спроведен и дека ќе биде формирана Заедницата на српски општини.
Брнабиќ го наведе Кластерот 3 како уште еден пример, за чие отворање Србија ги исполни сите технички услови, но тој сè уште не е отворен.
„Денес, тој кластер сè уште не е отворен, иако пет последователни годишни извештаи на Европската комисија потврдуваат дека Србија ги исполнила условите и ги повикува сите членки на ЕУ да започнат преговори за отворање на овој кластер во Србија“, рече Брнабиќ.
Како што истакна таа, ова се само два примери за ветувања и обврски што ЕУ никогаш не ги исполнила.
„Целосно сум свесна дека сè уште има многу што треба да направиме и исполниме, особено во однос на извештајот за владеењето на правото и почитувањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но во меѓувреме, ЕУ мора да го исполни она што ни го вети. Ова е единствениот начин да се изгради или врати довербата“, истакна Брнабиќ.
Таа оцени дека Европа денес се соочува со стратешки избор.
„Не може да зборува за својата идна единственост, безбедност и економска сила, оставајќи ги земјите од Западен Балкан на маргините на својата визија. Европската унија, која гледа кон иднината, мора да препознае дека Западен Балкан не е надворешен простор што чека некогаш да се интегрира. Западен Балкан е веќе дел од европската политичка, културна и економска реалност“, рече Брнабиќ.
Таа нагласи дека Србија останува посветена на дијалогот, стабилноста и соработката, пред сè во регионот.
Заштитата на нашите луѓе, зачувувањето на мирот во Косово, останува основен национален приоритет што се спроведува преку одговорна дипломатија и почитување на меѓународното право“, рече таа.
Регион
Поранешниот грчки министер Варуфакис обвинет откако во подкаст призна дека пробал екстази во 1989 година
Поранешниот грчки министер Јанис Варуфакис, самопрогласен „недоследен“ марксист, е обвинет за поттикнување злоупотреба на дрога откако јавно призна дека земал апче екстази пред речиси четири децении, соопшти неговата партија.
Професорот по економија, кој ги налути колегите од еврозоната со тоа што постојано ги отфрлаше условите од пакетот за спасување во замена за реформи за време на должничката криза на земјата во 2015 година, рече дека еднаш пробал екстази, или MDMA, во Австралија во 1989 година.
„Беше одлично искуство, до неколку дена подоцна“, рече тој во подкастот „3026: Човечки алгоритам“, додавајќи дека можел да танцува со часови, но потоа страдал од мигрена. Тој, исто така, кажа дека во минатото користел марихуана.
Варуфакис, сега секретар на малата левичарска партија Мера25, треба да се појави на суд во декември. „Ројтерс“ не можеше веднаш да го контактира 64-годишникот за коментар. Неговата партија издаде соопштение во кое ја обвинува конзервативната влада на Грција дека се обидува да го замолчи на суд.
„Идејата да се суди лидерот на политичка партија затоа што зборувал за своите искуства со дрога пред неколку децении не е ниту случајна, ниту невина грешка. Нема да молчиме. Ниту за провокативната манипулација на судството, ниту за огромниот проблем со зависноста“, соопшти партијата Мера25.
фото/Depositphotos

