Регион
Турските копнени сили накусо влегоа на ирачка територија
Турција потврди во вторникот дека нејзините копнени сили накусо навлегле на ирачка територија, поради операцијата во трагање по курдските бунтовници.
Турските копнени сили влегле од југоисточна Турција во курдската автономна покраина Северен Ирак, каде што забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) има свои бази, објави CNNTurk.
Станува збор за одговор на турската армија за нападот од неделата во кој беа убиени 16 турски војници во областа на Даглича, на крајниот југоисток на Турција, како и нападот од вторникот утрото во кој беа убиени 14 турски полицајци додека патуваа кон границата со Азербејџан, во областа на Игдир, како и уште двајца полицајци кои биле жртви на PKK во областа Тукчели.
Турската влада вети дека ќе ја искорени PKK по споменатите напади врз нејзините безбедносни сили, најсмртоносни по многу години. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети во вторникот дека нема да им ја препушти земјата на терористите. „Не им ја препуштивме и нема да им ја препуштиме оваа земја на тројца или пет терористи“, рече Ердоган во говорот снимен во Анкара, емитуван на телевизиите.
Турската воена авијација со масовни напади ноќта кон вторникот ги бомбардираше главните бази на курдските герилци од PKK и според нејзините извори убиле 40 борци, на што курдската герила одговори со нападот во Игдир врз полицајците.
Повеќе од 50 турски борбени авиони во текот на шест часа гаѓале 20 целина PKK „усмртувајќи меѓу 35 и 40 терористи“, објавија воени извори за медиумите. Меѓу целите била и „група од 20 до 25 терористи кои бегале од Турција и се криеле во нивните бази“.
Од крајот на јули турската армија во прокламираната владина антитерористичка борба започна со воени операции против PKK со артилериски и воздушни удари врз нејзините засолништа и бази во планинската област на северен Ирак, во автономната курдска покраина. Во тие напади, според турските извори, уништени се десетици бази на PKK, а убиени се повеќе стотици, па дури се споменува и бројка од две илјади курдски герилци, кои тврдат дека нивните загуби се далеку помали. PKK од своја страна возврати со речиси секојдневни герилски напади на турска територија во кои се убиени околу стотина припадници на безбедносните сили. Анкара го услови продолжувањето на преговорите, доколку PKK го положи оружјето и сите нејзини борци се повлечат од територијата на Турција, процес кој беше запрен во летото 2014 година, откако Курдите ја обвинија турската влада дека не се придржува до договорот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

