Регион
Грчката полиција уапси новинар кој ја објави „листата Лагард“
Грчката полиција во неделата го уапси познатиот новинар Костас Ваксеванис еден ден откако тој во списанието Hot Doc го објави списокот на Грци коишто имаа милионски сметки во швајцарската филијала на британската банка HSBC.
„Ќе дојдат во мојот дом секој момент. Ќе ме уапсат. Јавете“, напиша новинарот Костас Ваксеванис на својот профил на микроблогот Twitter.
Новинарот бил уапсен во неговиот дом во северно предградие на Атина. Полицијата го потврди апсењето, но не соопшти за што е обвинет новинарот.
Претходно, списаниете чиј издавач е самиот Ваксеванис објави список со имињата на две илјади Грци коишто во 2007 година имале сметки во швајцарската филијала на банката HSBC. Автентичноста на листата не е официјално потврдена. Во Грција овој документ е познат како „листата Лагард“. Имено актуелната извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, им ја предаде оваа листа на грчките власти во 2010 година, во својство на тогашна министерка за финансии на Франција.
Минатата седмица, во врска со овој случај беа испрашувани двајца поранешни министри за финансии на Грција. Во земјата длабоко заглавена во долгови и рецесија, објавувањето на оваа листа предизвика скандал поради сомневањата дека некои од личностите чии имиња се на овој список со тоа избегнувале плаќање даноци. На листата се наведени имињата на претседателот на грчкиот парламент, политичари, бизнисмени, вработени во тамошното министерство за финансии, актери, новинари, архитекти и лекари.
Во написот во списанието не се наведуваат точните износи кои во швајцарската банка ги имаат депонирано лицата од списокот, но се наведува дека на некои од нивните сметки имало и до 500 милиони евра.
Грчките власти во меѓувреме побараа од француската влада уште еднаш да ја испрати листата којашто не може да ја пронајде на грчка територија.
Минатата седмица, двајцата поранешни министри за финансии, Јоргос Папаконстантину и Евангелос Венизелос, беа испрашувани од парламентарна комисија, а пратениците безуспешно се обидуваа да добијат одговор од екс министрите зошто за две години не била спроведена проверка за богатите инвеститори во странство./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

