Регион
Борисов: Не е нормално европските социјалисти да ја поддржат Бугарија за Шенген, а десните влади да нé кочат
Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја повика Европската народна партија да заземе покатегорична позиција во однос на приклучувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
Ова бугарскиот премиер го кажа на семинарот на групата на Европската народна партија во Комитетот на регионите, јавува агенцијата Фокус, при што се додава дека Бојко Борисов смета дека од EPP во однос на прашањето на пристапувањето на Бугарија и во Шенген зоната „се однесуваат крајно неправедно“.
„Ние стопроцентно ги исполнивме критериумите за Шенген, тоа го потврди и Европската комисија, тоа го велат сите. Една партија, не една држава, не се согласува Бугарија да влезе во Шенген… Истовремено, Бугарија доследно ги чува шенгенските граници. Секој ден притисокот од имигранти од Сирија, Ирак, Либан, Тунис е огромен“, рече бугарскиот премиер.
Според Борисов, Романија не се соочува со овој проблем, бидејќи не граничи со Турција од каде што доаѓа најголемиот прилив бегалци.
„Стотици луѓе бегалци секојдневно ги храниме во нашите центри, без да сме во Шенген зоната. Трошиме огромни пари и градиме нови објекти. Не е чесно ваквото однесување кон Бугарија. Се надевам дека EPP по ова прашање ќе заземе поостра позиција. Не е нормално социјалистите во Европа секојдневно да изјавуваат дека ја поддржуваат Бугарија за Шенген, а десничарската влада на Холандија да ја кочи државата којашто всушност во овој момент е под најголем притисок и трошок поради Сирија. Не е чесно. Ние ги сопираме и претставуваме доследна одбрана на границата. Претходно бев рамнодушен, но сега кога трошиме големи пари во Бугарија, поради една партија во Холандија , жалам но тоа не е чесно“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов, цитиран од агенцијата Фокус./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.