Регион
Вулканот на островот Санторини ѝ припаѓа Грција, пресуди судот
Пленумот на Врховниот суд на Грција (Ареопагот) пресуди дека калдерата на светски познатиот остров Санторини ѝ припаѓа на грчката држава од нејзиното основање и дека немаат основа побарувања од правни и физички лица врз оваа област, бидејќи тие никогаш не владееле со овие територии.
Одлуката на грчкиот Врховен суд претставува преседан и ќе се применува при решавање на споровите на другите острови во Егејското Море и Кикладите.
Санторини го нарекуваат бисер на Егејското Море, и го посетуваат стотици илјади туристи годишно. Неговата главна атракција е калдерата, огромниот басен, формиран во древните времиња при вулканска ерупција. Калдерата има големо геолошко и археолошко значење, бидејќи во оваа област е откриено наоѓалиште на населба од бронзената ера, уништена во XVII век п.н.е., од гигантска вулканска ерупција.
Пред неколку години едно акционерско друштво започна изградбата во калдерата на површина од околу 9 хектари, а поради тоа грчката држава поднесе тужба против компанијата. Судиите се согласија со ставот на обвинителството, кое истакна дека во овој дел на Санторини ниеден поединец не се здобил со сопственост на земјиштето, шумите, пасиштата, ливадите или бреговите на Кикладиските острови, на кои им припаѓа Санторини, и дека тие отсекогаш ѝ припаѓале на грчката држава.
Слични одлуки се очекува да бидат донесени и во случаите на другите острови./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека Србија има договор со Русија за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци.
Вучиќ, откако им додели договори за работа на најдобрите дипломирани студенти на медицинските факултети и средните медицински училишта, изјави дека нема да има проблем со снабдувањето со гас до 31 март.
„Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци, до 31 март, за луѓето да може да бидат безбедни и мирно да спијат“, рече Вучиќ.
Како што додаде, Србија ќе има електрична енергија и доволно гас за претстојната зимска сезона.
Тој изјави дека има информации оти претставници на „Газпром“ разговараат за продажба на акции во НИС, меѓу другите, со унгарската национална компанија МОЛ и дека српското раководство нема ништо против тоа.
„Унгарците се наши пријатели и тоа е во ред. Само да завршиме што е можно повеќе пред 15 јануари. Бидејќи мора да имате предвид дека сè оди совршено и дека немаме никаков проблем со, да речеме, секундарни санкции, а имаме и ќе имаме. И дека немаме никаков проблем со баржи, возови и камиони, дека увезуваме, да речеме, дизел – не можеме да увезуваме 6.000 тони дневно, што ги трошиме. Значи, само сакам да ви кажам дека тоа е невозможна мисија“, рече Вучиќ како одговор на прашањето дали има информации дека се водат преговори меѓу унгарскиот МОЛ и „Газпром“.
Како што рече, само прашање на време е кога и на кој начин ова ќе мора да се промени бидејќи денес е точно 75-тиот ден откако ниту една капка сурова нафта не влегла во Србија.
„Горд сум на Србија, горд сум на граѓаните на Србија. Да бидеме фер кон себе еднаш. Дали некогаш сте замислиле дека е можно Србија да не добие ни капка нафта 75 дена и да нема метеж никаде, никој да не носи кофи или нешто слично, 75 дена, тоа не се седум дена. Да имаме толку многу резерви, да сме толку подготвени за сè и да сме се однесувале толку сериозно и одговорно“, нагласи Вучиќ.
Тој додаде дека ако нема решение, приказната за НИС ќе заврши како што рече претходно – дека државата ќе го преземе НИС и ќе им плати на Русите за нивниот дел.
„Значи, и тој датум (15 јануари) се приближува, се надевам дека ќе се најдат решенија пред тоа, ако не, што треба да правиме“, рече Вучиќ, објави „Танјуг“.
Фото: депозитфотос
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.

