Регион
Грчките неонацисти почнаа да предаваат „историја" на децата
Грчките политичари го осудија членовите на неонацистичката партија Златна зора, која во средата организирала предавање за „духовна просветлување” на деца на возраст меѓу шести и десет години.
Оваа радикална партија позната по националистичките истапи на нејзините припадници, вклучително и против македонското малцинство во Грција, во средата соопшти дека од пред неколку дена покренала „нов циклус на духовно будење” за децата, во форма на предавања коишто ги изведуваат членовите на Златна зора во партиската канцеларија во близина на Атина.
„Тоа беше предавање од старогрчката митологија за младите пријатели на нашето движење”, се наведува во соопштението на грчките неонацисти во чиј прилог се дадени и фотографии на деца.
При предавањето биле искористени извадоци на книгата „Пропаганда: методика и техника на раководење со масите” на Георгиос Георгалас, кој заземаше низа раководни функции во времето додека со Грција владееше ултрадесничарската хунта на ткн „црни полковници”, пред околу 40 години.
Министерството за образование на Грција соопшти дека „никој нема право да манипулира со децата”. Главната опозициска партија, коалицијата на радикалната левица СИРИЗА, во писмената изјава нагласи дека на „малите деца им се пере мозокот со нацистичка пропаганда”. Комунистичката партија на Грција побара масовно спротивставување на политиката на „нацистичката банда”.
„Жртвите на Златна зора станаа невините души на шестгодишни деца, тоа води кон фанатизам, нацизам и насилство’, изјави, пак, претставник на партијата од владејачката коалиција, социјалистичкиот ПАСОК.
Осум пратеници од најмалата партија во владејачката коалиција, коалиција на умерените леви сили ДИМАР, поднесоа пратеничко прашање до министерот за образовани со барање да даде одговор за зголеменото ултрадесничарско расположение во грчките училишта. Пратениците тврдат дека под влијание на Златна зора, децата напаѓаат имигранти и организираат „проверка на националноста” во училиштата.
Партијата Златна зора, којашто отворено користи неонацистички симболи и објавува таква литература, го шокираше грчкото општество, првпат освојувајќи пратенички мандати во парламентот во мај 2012 година. Сега, според анкетите, грчките неонацисти се третата политичка сила во земјата според популарноста. Партијата, покрај вербалните и повремени физички напади и закани кон националните малцинства во Грција, како и кон жителите на соседните земји, организираше повеќе случаи на насилства против странските имигранти, како и кампања за собирање резерви крв и обезбедување медицинска нега „само за Грци”. Грчките следбеници на неонацизмот, исто така, организираат демонстрации и ткн поворки на факели на кои демонстрираат нетрпеливост кон претставниците другите нации, па дури и територијални претензии кон соседните држави./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

