Регион
Отказ за водителот на хрватскиот „Милионер“

Водителот на хрватскиот квиз „Кој сака да биде милионер“ Тарик Филиповиќ добил отказ од Хрватската телевизија(ХТВ) бидејќи…
Водителот на хрватскиот квиз „Кој сака да биде милионер“ Тарик Филиповиќ добил отказ од Хрватската телевизија(ХТВ) бидејќи јавно прашал каде завршиле парите од хуманитарните донациите. Популарниот актер и телевизиски водител ќе се појавува уште на ТВ екраните бидејќи однапред снимил три емисии. Во ХТВ уште не знаат кој ќе го замени Филиповиќ, кој беше сменет од директорот на програмата на телевизијата Домагој Божидар Буриќ, поради, како што велат, непримерната изјава. Но, одлуката на Буриќ за смена е повлечена бидејќи директорот на ХРТ Вања Сутлиќ и директорот на ХТВ Благо Маркота се противат на смени во уредништвото на квизот, кои исто уследија по изјавата на Филиповиќ. Медиумите во Хрватска соопштуваат дека утре ќе биде формирана посебна комисија што ќе го испита целиот случај и заклучоците ќе ги донесе до среда, за да може да се започне со снимање на нови епизоди. „Шокиран сум“, изјави Тарик Филиповиќ, кој за отказот бил телефонски информиран од уредничката на забавната програма на ХТВ Елизабет Хомси. „Да, го кажав тоа што го кажав, но мислам дека истото треба да се запрашаат луѓето кои ќе дојдат до болниците за кои се прават хуманитарните акции и ќе видат како изгледаат фасадите и внатрешноста на тие згради“, рече Филиповиќ, додавајќи дека и самиот учествувал во најмалку 30 хуманитарни акции. Пред утрешното појавување на Филиповиќ на ТВ екраните, ќе се огласи спикер кој ќе соопшти дека ХТВ се оградува од непримерните изјави на водителот на квизот. Првите луѓе на детските болници спомнати во изјавата на Филиповиќ, изјавија дека истапите на водителот се злонамерни и бараат јавно извинување. /крај/фо/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Парламентарни избори во Албанија, Рама се бори за четврти мандат, а Бешира за враќање на власт по 12 години

Албанците денес гласаат на 11, парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим. Право на глас имаат 3.721.116.
Лидерот на Социјалистичката партија Еди Рама, кој е премиер од 2013 година се бори за четврти мандат, а Сали Бериша, поранешен премиер и лидер на Демократската партија, се надева на враќање на власт по 12 години.
На овие избори, првпат, ќе гласа и албанската дијаспора. Прифатени се апликации на 245.93 лица надвор од земјата.
Во 12 изборни единици, на 5.225 избирачки места Албанците гласаат за 140 нови пратеници.
Регион
Српски бизнисмен брутално претепан во Загреб, крвав лежел пред хотел

Саша Мирковиќ, српски претприемач, музички продуцент и сопственик на „Хајп телевизија“, бил претепан пред хотел во центарот на Загреб, објавија српските медиуми.
Според нивните наводи, Мирковиќ и уште еден маж се сретнале на влезот во хотелот, по што дошло до вербален конфликт кој прераснал во физичка пресметка. Српски Телеграф објави снимки на кои се гледа како крвавиот Мирковиќ лежи на тротоарот, веднаш по тепачката.
Набрзо пристигнала брза помош и го однела во болница.
Регион
70-годишен маж почина во Хрватска: бил силуван и претепан од 36-годишник

Седумдесетгодишен маж од Чаковец, кој бил нападнат на почетокот на март, починал пред неколку дена во болница, пренесуваат хрватските медиуми. Нападот се случил на 8 март кога 36-годишен познаник го намамил во напуштена куќа во Чаковец, каде што го силувал, претепал и ограбил под закана со нож.
И покрај сериозните повреди, човекот успеал сам да стигне до болницата во Чаковец, каде што лекарите го прегледале и го пуштиле дома. Следниот ден отишол да го пријави злосторството во полиција, и повторно бил однесенво болница. Сепак, тој бил отпуштен по втор пат бидејќи лекарите процениле дека нема потреба да го задржат.
Семејството е огорчено од начинот на кој болницата постапила во случајот, истакнувајќи дека човекот бил во сериозна состојба и двапати бил отпуштен дома и покрај сериозните повреди на главата.
На крајот бил хоспитализиран во болница, каде што ги поминал последните денови од својот живот, пишуваат тамошните медиуми.
Напаѓачот, кој веќе ѝ бил познат на полицијата, бил уапсен кратко време по инцидентот. Тој е обвинет за силување и грабеж.
Канцеларијата на државниот обвинител на округот Вараждин, исто така, се огласи за случајот. Портпаролот Дарко Галиќ потврди дека истрагата е сè уште во тек.
„Со оглед на смртта на жртвата, ова повеќе не е кривично дело обид за убиство, туку убиство. Обвинетиот е во притвор. Истрагата ќе ги опфати потребните вештачења и други доказни дејствија, врз основа на кои ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, рече Галиќ.