Регион
Албанскиот уставен суд ја започна расправата за територијалната распределба
Уставниот суд во Тирана ја започна во вторникот расправата по тужбата на опозицијата за соборување на новиот закон за територијална распределба на Албанија, против кој е и македонското малцинство.
Опозицијата на судскиот процес нагласи дека со усвојувањето на законот не се почитувани уставните одредби, бидејки законот е донесен без дебата во јавноста, по брза постапка, а воедно тој според опозицијата има за цел да послужи за политичка победа на левицата на претстојните локални избори.
Од друга страна малцинствата во Албанија се против овој закон, бидејки тој според нив ги крши човековите права во однос на функционирањето и на општините во кои мнозинство се малцинствата.
Партијата на Македонците во Албанија МАЕИ и здружението Илинден остро реагирааа на донесувањето на овој закон, бидејки со новиот закон се укинуваат општините со македонско мнозинство во Гора и Голо Брдо, а Пустец останува единствена општина каде мнозинството се Македонци.
И грчкото малцинство остро реагираше бидејќи според него со новиот закон се укинуваат одредени општини на југот на Албанија каде Грците се во мнозинство.
Како за десницата така и за малциствата Уставниот суд е нова надеж за соборување на законот кој го врати на повторна дебата и претседателот на државата Бујар Нишани, но мнозинството во собранието повторно го изгласа. /крај/мн/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Две 18-годишни момчиња осомничени за пожарот во „Вјесник“
Две лица на 18-годишна возраст се осомничени дека го предизвикале пожарот во зградата на „Вјесник“ во Загреб.
Полициските службеници од Загреб ја завршија кривичната истрага против двајца 18-годишници под сомнение за сторено кривично дело „Тешки кривични дела против јавната безбедност“ во врска со кривичното дело „Загрозување на животот и имотот со општо опасно дејствие или средство“, пренесува „Индекс.хр“.
„Се сомнева дека во понеделник, 17 ноември, околу 21:50 часот, првиот осомничен, заедно со вториот осомничен, 18-годишник, дошле во зградата „Вјесник“ на авенијата Славонска, каде што ја прескокнале оградата и влегле во просториите на гореспоменатата компанија. После тоа, се сомнева дека, заедно со уште еден малолетник, влегле во самата зграда и се искачиле на 15-ти кат од зградата, каде што ги пречекале двајца малолетници. Се сомнева дека првиот осомничен потоа го предизвикал пожарот со палење картонска кутија полна со хартија во ходникот со запалка, по што вториот осомничен ја запалил и хартијата од кутијата, а потоа ја фрлил, што предизвикало пожарот брзо да се прошири во околните простории, предизвикувајќи голема материјална штета“, соопшти полицијата.
„Индекс“ дознава дека едниот 18-годишен осомничен кој беше уапсен потекнува од богато семејство и е многу добар средношколец. Никогаш претходно немал никакви проблеми со законот.
Според информациите, тој негирал каква било вина за време на испрашувањето. Тој тврди дека нема никаква врска со палењето на пожарот што на крајот доведе до катастрофалниот пожар во облакодерот.
Другиот млад човек се предаде на полицијата во текот на денот.
Регион
Косово оди на нови избори по неуспехот да формира влада
Косово ќе оди на вонредни парламентарни избори на 28 декември 2025 година, објави претседателката Вјоса Османи, откога пропаднаа обидите во Собранието да се обезбеди мнозинство за да бидат донесени многубројни клучни акти, меѓу кои и буџетот за 2026 година.
Османи го избрала подоцнежниот датум поради технички барања и очекувањата за поголем одѕив.
Таа изрази жалење што граѓаните повторно одат на избори, но нагласи дека тоа е резултат на политичките актери, кои од февруари не успеале да формираат влада.
Земјата западна во политичка криза по парламентарните избори одржани на 9 февруари 2025 година кога ниедна од партиите не освои мнозинство од 61 глас во 120-члениот парламент.
Регион
Српскиот претседател се соочува со пријава во случајот со „снајперскиот туризам“ во 90-тите во Сараево
Хрватски истражувачки новинар поднел пријава до обвинителите во Милано против српскиот претседател Александар Вучиќ поради неговата наводна вмешаност во аферата „Сараевско сафари“, во која снајперисти од Италија и други земји наводно патувале во главниот град на Босна за да убиваат цивили за време на четиригодишната опсада на градот во 90-тите години.
Последната недела обвинителите во Милано почнале истрага насочена кон идентификација на Италијанците, кои наводно се вмешани, под обвиненија за доброволно убиство под околности – суровост и ниски побуди, пишува „Гардијан“.
Според истражителите, групи снајперски туристи наводно учествувале во масовни убиства откога плаќале големи суми пари на војници од армијата на Радован Караџиќ, поранешниот лидер на босанските Срби, кој во 2016 година е прогласен за виновен за геноцид и други злосторства против човештвото, за да бидат пренесени на ридовите околу Сараево, каде што можеле од задоволство да пукаат во населението.
Повеќе од 10.000 луѓе биле убиени во Сараево од гранатирање и снајперска огнена сила меѓу 1992 и 1996 година и тоа се смета за најдолга опсада во модерната историја по прогласувањето независност на Босна и Херцеговина од Југославија.
Снајперистите биле можеби најстрашниот аспект од животот под опсада во Сараево бидејќи неселективно ги таргетирале луѓето на улица вклучувајќи и деца.
Истрагата произлегла од правна пријава поднесена од Ецио Гавацени, писател од Милано, кој собрал докази за обвинувањата, како и од извештајот што обвинителите го добиле од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.
Гавацени изјавил дека првично прочитал за наводните снајперски туристи во италијанскиот печат во 90-тите, но дури кога го гледал „Сараево сафари“, документарец од 2022 година на словенечкиот режисер Миран Зупанич, почнал подетаљно да истражува.
Во средата истражувачкиот новинар Домогој Маргетиќ ја поднел својата пријава против Вучиќ пред обвинителите што го водат случајот.
Како што беше објавено во Сараево, последниве денови Маргетиќ на социјалните мрежи објавил докази дека Вучиќ, тогаш млад доброволец, бил присутен на една од воените позиции во Сараево, од кои, според сведоци, странски државјани и српски ултранционалистички единици пукале и убивале цивили.
Гавацени тврдел дека „многу, многу, многу Италијанци“ наводно биле вмешани, без да наведе бројка. Тој додал: „Имаше Германци, Французи, Англичани… луѓе од сите западните земји што плаќаа големи суми пари за да бидат одведени таму и да пукаат на цивили“.
Александар Вучиќ досега нема коментар за најновите обвиненија, но шпекулации за неговото присуство на сараевското боиште кружат со години.
Во интервју за една босанска телевизија во 2021 година српскиот претседател изречно негирал дека некогаш пукал на опколениот град. Тогаш тој ги опишал обвиненијата како политичка манипулација заснована врз националистичката реторика на неговата младост и врз кревката рамнотежа на силите во регионот.

