Регион
Анкара: Над стотина борци на PKK убиени или ранети во судирите
Повеќе од сто припадници на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) се убиени или ранети во судирите со турските безбедносни сили во саботата, објави турската армија.
Турската армија соопшти дека „повеќе од 100 милитанти на PKK се неутрализирани“, без да прецизира колку од тоа се убиени, а колку се ранети. Според овој извештај, станува збор за најсмртоносниот ден според бројот на жртвите последните неколку години во судирите меѓу турските безбедносни сили и курдските герилци.
Повеќето борци на Работничката партија на Курдистан (PKK) се префрлени во планинските предели на северен Ирак, каде што имаат свои бази и логори за обука, кои исто така се цел на напади на турската воена авијација.
Југоистокот на Турција е погоден од жесток бран насилство откако во јули 2015 година, по меѓусебните обвинувања, беше прекинато две ипол годишното примирје меѓу турската држава и PKK, која во почетокот се бореше за поголема автономија а потоа за независност, во обид да се дојде до некаков мировен договор.
Последните денови на југоистокот од Турција се водат судири во покраината Хакари во близина на границата со Ирак, и во покраината Ван кон границата со Иран. Претходно во саботата турските медиуми известуваа дека пет припадници на турските безбедносни сили се убиени а шест се ранети во Хакари, а ноќта кон саботата во покраината Ван се убиени осум припадници на турските безбедносни сили.
Повеќе од 40.000 луѓе, повеќето Курди, се убиени откако пред околу 35 години PKK го започна бунтот против турската држава. Турција, САД и ЕУ ја сметаат оваа организација за терористичка организација./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

