Регион
Антисламски графити и плакати во Словенија
Во словенечкиот град Јесенице во средата на повеќе места се забележани графити со антиисламска содржина, што беше остро осудено од тамошниот градоначалник кој предупреди на неопходноста од соживот во градот.
„Јесенице е мултиетнички град со голем процент муслимани, затоа сме огорчени од овој чин и остро го осудуваме“, изјави градоначалникот Томаж Менцингер, додавајќи дека наредил бришење на графитите, веднаш откако за нивното појавување бил известен од граѓаните, но и оти смета дека станува збор за поединечен испад кој нема да влијае врз односите во градот.
Во Јесенице меѓу 17 и 20 отсто од населението се муслимани, главно Бошњаци од БиХ кои се доселиле во периодот меѓу 70-те и 80-те години во минатиот век во периодот на поранешна СФРЈ, вработувајќи се во тамошната железарница и другите индустриски погони, како и нивни потомци кои останаа да живеат во Словенија. Муслиманската врска заедница во градот дејствува веќе 30 години главно во мирен соживот со другите, и покрај тоа што оваа есен веќе се појавија написи во медиумите дека зајакнува радикалната селафитската заедница меѓу тамошните муслимани.
Се верува дека сегашните антиисламски графити во Јесенице се појавиле како реакција на исламистичките терористички напади во Париз од минатата седмица.
Сличен инцидент е регистриран претходните денови и во словенечката престолнина Љубљана. На неколку локали во љубљанската населба Вич биле излепени отпечатени плакати со антимуслиманска содржина. Плакатите со натпис „Еврооарабија – не, благодарам!“, со келтски крст кои се смета за неонацистички симбол предупредуваат на загрозеноста на Европа од исламизацијата и муслиманите воопшто./крај/мф/сн
Извор: STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија усвои закон за родова рамноправност по бурна расправа
Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин

