Регион
Балканската рута станува се почеста за шверцерите со луѓе
Шверцерите на бегалци и мигранти моментално се повеќе ја користат рутата преку Македонија, Србија и Унгарија до Австрија, отколку онаа преку Средоземјето, покажале последните резултати на агенцијата Фронтекс.
Шверцерите на бегалци и мигранти моментално се повеќе ја користат рутата преку Македонија, Србија и Унгарија до Австрија, отколку онаа преку Средоземјето, покажале последните резултати на агенцијата Фронтекс.
Од јануари до јули оваа година, 102.342 луѓе влегле во Австрија преку западен Балкан, што е за најмалку 10 илјади повеќе од бројот кон влегол во Европа преку рутата на „централниот Медитеран“, објавил Фронтекс.
Додека продолжува истрагата за трагедијата во која во камион во Австрија беа пронајдени телата на десетици бегалци, од Европол во неделата објавиле дека ќе одржат низа состаноци на кои ќе присуствуваат претставници од најмалку шест земји, што покажува дека шверцерите работат на повеќенационално ниво, контролирајќи ја оваа се повеќе популарна рута, пренесува британски Guardian.
Европол досега собрал податоци од 500 агенции ширум Европа и брзо ги поврзал уапсените во врска со смртта на бегалците. Непосредно по апсењето на возачот на камионот во кој биле пронајдени телата, агенцијата ја лоцирала криминалната мрежа, распространета ширум континетот.
„Во својата база на податоци, доста брзо воспоставивме врска со еден или повеќе осомничени, што беше доста корисно за австриските власти, бидејќи отвори некои нови патишта во истрагата, која ја координираме со многу европски земји“, рекол шефот на Европол, Роб Вајнрајт.
Третина од актуелните 130 истраги на Европол за шверцот на луѓе се поврзани со криминалните групи кои изворно настанале поради шверцот на дрога, перењето на пари и продажбата на девојки како бело робје.
Агенцијата во неделата соопштила дека идентификувала три илјади „сериозни играчи“, поврзани со трговијата на луѓе во Европа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

