Регион
Бомбашот од Истанбул, планирал напад во Анкара на Нова година
Набил Фадли, Сириецот роден во Саудиска Арабија кој е идентификуван како лицето кое во самоубиствениот бомбашки напад во Истанбул уби десет германски туристи, планирал голем напад на дочекот на Новата година во турската престолнина Анкара, но ја променил целта откако неговиот план бил осуетен, изјавија во петокот високи турски безбедносни функционери.
Набил Фадли, роден во Саудиска Арабија во 1988 година каде што неговиот татко бил учител, се борел на страната на екстремната сунитска организација Исламска држава во Сирија и притоа еднаш бил заробен и измачуван, за што турските безбедносни служи сметаат дека се одговорни сириските Курди, иако тие ги негираат таквите наводи.
Во Турција пристигнал во декември, а во Истанбул се регистрирал како бегалец на 5-ти јануари. Една седмица подоцна се разнесе на плоштадот Султанахмет, во близина на истанбулските туристички атракции Света Софија и Сината џамија.
Турски безбедносни функционери велат дека Фадли го променил планот откако биле уапсени двајца негови соработници, коишто го подготвувале самоубиствениот бомбашки напад на плоштадот Кизилај во Анкара во текот на дочекот на Новата година.
Фадли не бил сомнителен за властите, бидејќи не се наоѓал на листата сомнителни милитанти, ниту на турската, ниту на меѓународната.
Турската тајна служба ги споделила информациите со колеги во други земји по апсењата во Анкара, што придонело за спречување на други напади планирани во Европа, изјавил неименуван турски функционер.
Уште четири лица кои се регистрирале во Истанбул како бегалци заедно со Фадли на 5-ти јануари, исто така, се уапсени и се верува дека биле дел од групата којашто го планирала нападот, додал./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Додик вежбаше во природа, па порача: „Никогаш не сум бил во подобра форма“
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, објави видео на социјалните мрежи на кое прави чучнувања во природа, што предизвика бројни коментари. Со тоа, тој се придружи на долгата низа политичари кои ги искористија своите физички атрибути и спортски активности за да привлечат внимание од јавноста, пишува N1.
Претседателот на СНСД на платформата Икс објави видео со пораката: „Никогаш во подобра форма“.
Никад у бољој форми. pic.twitter.com/Vh2A3e3E3v
— Милорад Додик (@MiloradDodik) February 22, 2026
Ова ги натера корисниците на социјалните мрежи да се пошегуваат, а се појавија и коментари дека тој се „подготвува за затвор“ или за Олимписките игри. Објавата на Додик е продолжение на трендот што во светот го популаризираше рускиот претседател Владимир Путин, познат по фотографиите на кои ги покажува своите мускули.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.

