Регион
Бројот на жртвите во пожарот во ноќниот клуб во Букурешт се искачи на 60
Бројот на жртвите во пожарот во ноќниот клуб во романската престолнина се зголеми на 60, откако на клиника во Виена починало 19-годишно момче кое настрадало во инцидентот во центарот на Букурешт ноќта кон 31-ви октомври, соопштија од романското министерство за здравство.
Според романските здравствени власти, во моментов уште 28 повредени, чијашто состојба се оценува како критична, се наоѓаат на лекување на клиники во Холандија, Норвешка, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија и Израел. Овие земји одговорија на барањето на романските помош поради скромните капацитети во земјата. За жал, некои од повредените не успеаја да го издржат транспортот и починаа на пат до споменатите клиники.Јавноста во Романија им забележува на властите за бавност во процедурата за транспортирањето на дел од најзагрозените пациенти во странските далеку подобро опремени болници.На клиниките во Букурешт во моментов се згрижени 40 настрадани, од кои 10 се во критична состојба, а другите се стабилно, соопшти романското министерство за здравство. Веднаш по пожарот беше потврдено дека 27 лади луѓе ги загубиле животите на самото место, а уште 200 лица се хоспитализирани со различни степени на повреди, и оттогаш во изминатите три седмици бројот на смртно настраданите секојдневно се зголемува. Истовремено, од букурешките болници на домашно лекување се пуштени неколку лица.Според досегашните сознанија на истрагата, причина за пожарот било користење на пиротехнички средства, во текот на концертот во ноќниот клуб сместен во подрумски простории, без соодветни дозволи за исполнување на безбедносните стандарди и за организирање забави. Од него се запалиле запаливите материјали со кои биле обложени ѕидовите и таванот, а околу 400 лица се упатиле кон единствениот во тој момент отворен излез, поради што најмногу од жртвите починале во стампедото или од задушување.Во врска со најголемата трагедија којашто се случи во романската престолнина во повеќе од две децении, е уапсен Кристијан Попеску Пиедоне, началник на 4-от округ на Букурешт, во кој се наоѓаше дискотеката.Трагедијата којашто доведе до масовни протести и оставка на премиерот Виктор Понта, се случи во клубот „Colectiv“ кога романскиот хардрок бенд Goodbye to Gravity го промовирал својот нов албум, чии тројца музичари починаа од последиците на повредите, а другите двајца се хоспитализирани. Ноќниот клуб, отворен во поранешна фабрика за обувки во центарот на Букурешт, на само еден километар од зградата на романскиот парламент, немал потребни дозволи за организирање концерти, како ни за употреба на пиротехника. Тројцата сопственици на клубот во вторникот беа притворени. Според, главниот обвинител Тибериу Ницу, тие се соочуваат со доживотни затворски казни. Во исказите пред судот тие признале дека клубот бил опремен со лесно запалливи материјали и оти немале дозвола за употреба на пиротехника./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

