Регион
Четворица уапсени за експлозијата во Истанбул, Ердоган ги обвинува курдските милитанти
Четири лица се уапсени под сомнение дека се вмешани во нападот со автомобил бомба во истанбулскиот кварт Везнеџилер, во округот Бајазит, во вторникот утрото во кој беа убиени 11 луѓе, од кои седум полицајци, и ранети се уште 36, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за нападот кој официјално е карактеризиран како терористички чин ги обвини герилците од забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).
„Не е новина дека оваа терористичка организација (PKK- з,р.) поттикнува напади во градовите. Нашата борба против тероризмот ќе продолжи до крајот, до апокалипсата… овој напад не може да биде простен“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за новинарите при посетата на ранетите во болниците, пренесува AFP.
Според сознанијата на агенцијата Anadolu, која се повикува на безбедносни извори, четворица се уапсени во акција на одделот за тероризам во истанбулската Управа за безбедност, во чие седиште се однесени на испрашување.
Детонацијата била активирана во близина на автобус со припадници на специјалната полиција во близина на постојка на јавниот сообраќај, меѓу седиштето на локалната општина и кампусот на истанбулскиот универзитет, недалеку од историскиот центар на градот на европскиот брег од Босфор.
Полицискиот автобус, кој е најсилно погоден од експлозијата се превртел на покривот покрај улицата, а покрај него оштетени се и други автобуси и возила на истата улица. Експлозијата ги искршила прозорците на блиската џамија и на многу дуќани и разнела парчиња по околните улици. Меѓу 36-те ранети три се во критична состојба, изјави истанбулскиот гувернер Васип Шахин.
Неколку сведоци изјавија за турските медиуми дека по експлозијата слушнале од тој правец истрели, но не е познато дали пукале напаѓачите или полицајци во обидот да ги заштитат своите колеги.
Местото на експлозијата и натаму во вторникот е блокирано од полицијата на Истанбул.
„Кажано ни е дека со тоа полицијата сака да ги задржи луѓето што подалеку од местото на експлозијата. Почувствував како почвата се потргна под мене. Никогаш нешто такво немам почувствувано“, изјавил за Reuters Мустафа Челик, сопственик на блиска туристичка агенција.
Засега никој не ја презема одговорноста за вторничниот напад. Меѓутоа за претходни два напада врз автобуси со офицери и полицајци во Анкара за кои одговорноста ја презема курдската милитантна група екстремната курдска фракција Јастреби за слободата на Курдистан (ТАК). Инаку станува збор за четврта голема експлозија во турскиот мегалополис Истанбул од почетоков на годинава, од кои во најмалку два цели беа странски туристи.
Ова крило кое се декларира како отцепено од PKK, но според Анкара има тесна координација со неа, ја презема одговорноста и за нападот од 15-ти мај во Истанбул во кој беа повредени седум лица. Како и во денешниот напад, и тогаш бомбата поставена во паркиран автомобил експлодираше при поминување на минибус со припадниците на турските безбедносни сили.
Турција повеќе од половина година живее во вонредна состојба прогласена поради серијата напади започната од јули 2015 година кои им се припишуваат на екстремната сунитска организација Исламска држава и на курдските милитанти., поради што земјата бележи загрижувачки пад на туризмот. Бројот на странските гости во април паднал за 28 отсто, што е најголемиот пад во изминатите 17 години. На туристичкиот сектор и досега не му цутеа рози, имајќи ги предвид откажувањата на руските туристи кои минатата година оставиле во Турција околу четири милијарди долари, по конфликтот меѓу Москва и Анкара по ланското турско соборување на руски борбен авион во близина на сириската граница. Меѓутоа, сега се очекува брзо да се откажуваат веќе постигнатите аранжмани, имајќи предвид дека западните земји исто така ги предупредија своите граѓани за патувања во Турција поради опасност од терористички напади.
Воените операции покренати против герилата на PKK во југоисточниот претежно курдски дел на Турција покрена востание во неколку тамошни градови со мнозинско курдско население и предизвикаа егзодус на населението. Турските сили убиле илјадници курдски бунтовници во операциите кои се водат и на курдските територии во соседен Ирак, но доживеале и значителни загуби во своите редови, како никогаш претходно во судирите со милитантите. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.