Регион
Ципрас му порача на Варуфакис помалку да зборува, повеќе да работи
Со неусилен хумор и широка насмевка, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис според медиумите стана новата икона на грчката радикално лева влада, но забележуваат и дека по месец и половина сеприсутниот во медиумите почнува да ги „нервира“ и во неговата партија, вклучително и харизматичниот премиер Алексис Ципрас.
На новинарот на германскиот магазин Der Spiegel кој го запрашал дали успеал да го примири својот исто така харизматичен министер, премиерот Алексис Ципрас му одговори „Од сите во владата побарав помалку да зборуваат, а повеќе да работат, не само од господинот Варуфакис“.
Весникот Avgi (Мугра), кој се смета за орган на грчката владејачка Коалиција на радикалната левица Сириза, пишуваше претходно седмицата за „токсичната преизложеност“ во медиумите на министерот за финансии. Весникот изрази стравување „сексуалната икона“, како што Варуфакист го опиша германскиот весник Die Welt, да не ги потроши својата сила и талентите со коишто придонесе за создавање на владата на Ципрас со претераното појавување во домашните и странските медиуми.
„Јанис, не претерувај. Бидејќи во економијата не е доволно да се знае да се управува со буџетот, туку треба и да се биде економичен и со зборовите“, му порача Avgi на министерот за финансии.
Се чини дека, сепак, Варуфакис го послуша својот шеф во владата, бидејќи во последно време е повеќе претпазлив, така на прес-конференцијата којашто минатата седмица ја свика во Атина одби да одговори на сите новинарски прашања, по одржаниот говор во кој беше невообичаено за него воздржан. Варуфакис од неодамна е забележително помалку активен и на социјалните мрежи. Неговиот последен твит е објавен на 1-ви март, а им го упати на „новинарските стрвинари“./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

