Регион
Давутоглу во вторник вечер го враќа мандатот
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу ќе му го врати во вторникот навечер мандатот за состав на владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, откако владејачката Партија на правдата и развојот (AKP) во понеделникот не успеа да го договори формирањето на извршната власта со опозициските парти, потврдил партиски извор за Reuters.
Според уставните одредби, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган би можел да ја распушти владата на својот сопартиец и наследник на челната позиција на владејачката Партија на правдата и развојот, Ахмет Давутоглу, и да повика формирање преодна „изборни“ влада, доколку не биде постигнат договор до 23-ти август. Тоа би значело дека власта до вонредните парламентарни избори најверојатно во септември, би ја делеле сите четири парламентарни партии.
Во понеделникот турската националистичка опозиција ја отфрли можноста за коалицирање со АКР или поддршката за малцинска влада. По состанокот со челникот на крајно десната Партија на националното движење (MHP), Девлет Бахчели, кој траеше два ипол часа, Давутоглу во понеделникот навечер изјави дека не успеале да се договорат за ниту една од опциите коишто тој ги планираше за излез од политичката криза.
Давутоглу, исто така, рече дека Бахчели јасно дал до знаење дека неговата партија ќе гласа против предвремените парламентарни избори, доколку тоа му биде предложено на парламентот, што би го отежнало решавањето на кризата до рокот кој истекува на 23-ти август.
АКР на изборите во јуни, најмногу поради хомогенизирањето на гласовите на курдската заедница чија блиска партија првпат го проби високиот изборен цензус за влез во парламентот, првпат не успеа да освои доволни пратенички мандати за да владее сама од 2002 година, и не успева да формира коалиција со ниту една од другите три парламентарни партии.
Технички гледано, трите опозициски парти би можеле да формираат мнозинство коешто би поддржало влада, меѓутоа Партија на националното движење (MHP) воопшто не сака да соработува со прокурдската Народна демократска партија (HDP).
Главната опозициска партија Републиканската народна партија (CHP, социјалдемократи), пак, објави во понеделникот дека таа би требало да го добие мандатот да формира нова влада. „Веруваме дека премиерот Ахмет Давутоглу ќе покаже дека ги почитува демократскиот легитимитет и националната волја, и дека ќе му го врати мандатот на претседателот. Очекуваме дека претседателот ќе му го даде мандатот на лидерот на CHP, Кемал Киличдароглу“, изјави партискиот портпарол Халук Коч./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

